Средба на државни секретари во ресорните министерства на Македонија и Бугарија: Исполнувањето на евроатлантските аспирации на Македонија е придонес за безбедносниот и економскиот развој на регионот

Генералниот секретар на Владата на Република Македонија Драги Рашковски, придружуван од државните секретари и претставници  на ресорните министерства на Република Македонија, денеска одржа работна средба со државните секретари и претставници на  министерствата од Република Бугарија, на која беше изразена подготвеност за интензивирање на соработката меѓу двете земји.

„Македонија е максимално посветена на одржување на континуитетот на реформите, по безусловната препорака за почеток на преговорите со ЕУ и поканата од НАТО, а Вашата помош и искуство, ни е посебно добредојдена“, рече Генералниот секретар Рашковски посакувајќи им добредојде на членовите на бугарската делегација.

Претставниците на делегацијата на Владата на Република Бугарија, истакнувајќи ја поддршката за македонско-бугарското пријателство и соработката на сите нивоа, изразија убеденост во позитивен исход од претстојниот Референдум, и заеднички беше констатирано дека тоа ќе го забрза исполнувањето на евроатлантските аспирации на Македонија како придонес за безбедносна стабилност на регионот, и како придонес во создавањето на позитивна клима за економски развој и просперитет на регионално ниво.