Средба на министерот Попоски со Рикер, заменик помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска го прими Филип Рикер, заменик помошник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави, надлежен за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент, кој престојува во Република Македонија во рамки на неговата посета на Регионот.

На средбата Попоски и Рикер, соопштуи МНР, размениле мислења за сите актуелни прашања од заеднички интерес, особено насоките за натамошен развој на  билатералните односи меѓу двете земји, за состојбите во Регионот на Југоисточна Европа, како и за евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија.

Министерот Попоски го нагласил долгорочниот интерес на македонската Влада за сèвкупно унапредување на стратешките партнерски односи со Соединетите Американски Држави. Во тој контекст изрази очекување за позасилена американска поддршка во периодот пред претстојниот Самит на Алијансата во Чикаго, со цел што поскоро ефектуирање на поканата за членство на Македонија во НАТО.

Во однос на пресудата од Меѓународниот суд на правда, министерот Попоски се заложи за почитување на принципите на меѓународното право и ја повтори посветеноста на Република Македонија за решавање на спорот со Република Грција преку активно и конструктивно учество во преговорите под покровителство на ООН.

Заменик помошникот државен секретар Рикер го истакна задоволството од одличните билатерални односи меѓу двете пријателски земји и го реафирмира ставот за цврста поддршка на САД за евроатлантската интеграција на нашата држава. Поздравувајќи го конструктивното однесување на Република Македонија по објавувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правда, Рикер изразил очекување дека пресудата ќе претставува поттик за двете страни за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот околу името.