70-та седница на Владата на Република Македонија: Општините ќе добијат пари за развој на селата и на планските региони; Црвениот крст ќе го реализира проектот: „Бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик“

Владата на денешната редовна седница ги усвои Предлог-законите за изменување на Законите за безбедност на производите, за заштита на потрошувачите и на законот за контрола на предметите од скапоцени метали. Измените на сите 3 закони се поврзани со измените во Законот за државен пазарен инспекторат кој претрпи измени поради конфликт со важечката систематизација на Државниот пазарен инспекторат со која се укина одделението за прекршоци. Со измените на наведените 3 закони се овозможува да се формира одделението за прекршоци во Министерството за економија. 

Министрите на седницата ја разгледаа информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот - Подобрување на квалитетот на податоците во катастарот. Проектот подразбира подобрување на постојната нестандардизирана структура на записите, односно на податоците кои се содржани во катастарот на недвижности. Имено, високо квалитетните податоци се дел и од Визијата 2020 која предвидува Агенцијата за катастар на недвижности да биде современа институција со цел целосно воспоставени примарни и секундарни бизнис - процеси. Тоа ќе овозможи размена на високо - квалитетни и ажурирани дигитални податоци и сервиси на национално и регионално ниво, придонесувајќи кон економски раст и развој на општеството. 

Како материјал за разгледување на седницата беше разгледана информацијата од Работната група за приоритетот „Младинска работа“ со конкретни предлози, план/програма за работа и очекувани идни активности од страна на Владата и другите државни институции. 

На краток рок се предвидени низа активности чија реализација отвора можност младинската работа да биде вклучена во делот на активните мерки за вработување, кои нудат обуки за стручни квалификации во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2019 година, како пилот обука.

Националната стратегија за млади 2016-2025 на долг рок ќе ја регулира и ќе ја интегрира младинската работа во рамки на постојната законска регулатива, односно ќе се инкорпорира во Законот за млади, кој е во подготвителна фаза. 

На денешната 70-та седница министрите ја разгледаа и ја прифатија информацијата за степенот на реализација на активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија - ревизија 2017 година, предвидени за реализација заклучно со последниот квартал од 2017 година, со предлог заклучоци. Целта е членовите на Владата да бидат континуирано информирани, обврска која почнувајќи од септември минатата година ја има Секретаријатот за европски прашања. 

Владата на денешната седница одлучи на единиците на локалната самоуправа да им додели средства за финансирање на проекти за развој на селата, во износ од речиси 28 милиони денари, како и за финансирање на проекти за развој на плански региони, во износ од околу 195 милиони денари. 

На 70-тата седница исто така беше разгледана и прифатена информацијата за изменување и дополнување на Годишната програма за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и на Црвениот Крст на Република Македонија од приходите од игри на среќа и од забавните игри. Министрите ги прифатија и измените на одлуката за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри за 2018-та година.
Согласно годишната програма и согласно законските решенија ќе се финансираат дополнителни програмски активности во областа на детската и социјалната заштита на Црвениот Крст. Организацијата ќе обезбедува пансионски услуги за корисниците и волонтери за поддршка на реализација на проектот: „Бесплатен одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и други права, со цел придонес во подобрување на социјализација на деца од семејства со социјален ризик“. 
Црвениот Крст исто така ќе ги спроведува стратешките определби на организацијата на национално и локално ниво кои овозможуваат да се креираат програми за подобрување на здравјето на луѓето и унапредување на социјалната интеграција на населението во заедниците, воспоставување на семејни врски во случај на разделени семејства, промовирање на меѓународно хуманитарно право, како и унапредување на системот за подготвеност и дејствување при катастрофи.