Премиерот Заев на средба со германската комора за индустрија и трговија во Берлин: Германските компании во Владата на РМ имаат партнер за стабилно и предвидливо деловно опкружување и за создавање профит

 

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, како дел од програмата на неговата и на посетата на вицепремиерите Шекеринска и Османи на СР Германија, денеска во Берлин имаше средба со претставници на Германската комора за индустрија и трговија (ГКИТ), што ја предводеше заменик директорот на комората д-р Волкер Трејер.

На средбата од двете страни беше изразено големо задоволство од досегашните економски врски меѓу Република Македонија и Сојузна Германија. Тие ги следат исклучително добрите политички релации и од тие причини се очекува нивно натамошно охрабрување и подобрување.

Сојузна Република Германија е трговски партнер број 1 на Република Македонија со обем на трговија од над 40 отсто од вкупната вредност, а вредноста на трговската размена секоја година расте и во 2017 година достигна над 3 милијарди евра.

Инвестициите од оваа земја главно се насочени во текстилната, металопреработувачката индустрија и поддршката за автомобилската индустрија и транспортот. Растот на германските инвестиции во Република Македонија продолжува и во постоечките компании со германски капитал вработени се речиси 20 илјади луѓе. 

Претставниците на германската комора ги понудија своите капацитети како линк меѓу можностите за инвестирање во Македонија и германските компании со кои соработуваат и истакнаа дека сакаат да го поддржат процесот на зачленување на Република Македонија во Европската Унија. 

На средбата се разговараше и за концептите за развој на средно стручно образование за кои во Македонија се заинтересирани германските компании со цел да се зајакне капацитетот на стручните кадри со фокус на создавање квалитетни механичари и механик-електроничари. Како особено важна беше потенцирана врската помеѓу теоријата и практиката која има за цел да произведе стручен кадар што ни е потребен на нашата, но и на германската економија. 

Можности за соработка беа лоцирани и во областите на енергетска ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија, за што Македонија е мапирана како земја со соодветни климатски услови. 

„Сакаме да привлечеме реномирани странски компании да дојдат во нашата земја, а паралелно да ги охрабриме и домашните инвеститори да се развиваат технолошки, да бидат ориентирани кон извоз и да станат снабдувачи на странски инвеститори, со што ќе се подигне нивото на меѓусебна соработка. Овие нови мерки веќе ги стартувавме и ги очекуваме првите резултати“, истакна премиерот Заев на средбата во Германската комора за индустрија и трговија.

Инвеститорите од странство, вклучувајќи ги и оние од Германија, имаат искрен и отворен партнер во македонската влада, која се грижи за стабилно и предвидливо деловно опкружување, беше речено на средбата на премиерот Заев со заменик директорот на Германската комора за индустрија и трговија д-р Волкер Трејер.