Од 54 седница на Владата на РМ: Одлука за повисоки стимулативни субенции за тутунот; Одобрена поддршка за две нови странски инвестиции; Прифатени препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот регион; Мерцедесот оди на аукција

 

На денешната седница владата ги разгледа и ги усвои изменувањата и дополнувањата на Уредбата за критериуми за субвенционирањето на тутунот. Со измените во уредбата, почнувајќи од реколтата 2017 година, тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции со што директно се стимулира производството на квалитетен тутун. Одлуката се однесува на целокупната количина тутун според категориите и типовите опфатени со уредбата.

На денешната седница владата донесе одлуки за поддршка на две нови странски инвестиции. Првата за давање согласност за долготраен закуп на градежно земјиште за компанијата за производство на лекови САГЕН, a втората за Договорот за доделување државна помош на Друштво за производство, трговија и услуги, компанијата ВИК во Технолошко индустриската развојна зона Прилеп.

Владата денеска ја разгледа и ја усвои информацијата на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми Македонски шуми - Скопје за вкупно потрошените финансиски средства за спроведување на Акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина” од почетокот на акцијата до 2016 година. Според оваа информација за реализација на оваа акција биле потрошени 17,8 милиони евра, а преживеале само 21 отсто од вкупно засадените садници. Дополнителни 31 милион денари во оваа акција биле потрошени за засадување палми, а во извештајот се наведува дека ниту една палма не преживеала.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изработката на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион, како и Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките.

Согласно препораките, преземени се мерки и активности со што е отстранета опасноста Охридскиот регион да го загуби статусот на светско наследство на УНЕСКО.

Владата го задолжи Министерството за култура, преку Национална комисија за УНЕСКО да го достави извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО, во рок од 10 дена од усвојувањето на Информацијата.

Владата денеска донесе одлука да се изврши продажба на патничкото моторно возило Мерцедес Бенц С600 преку електронскиот систем за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии. Почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 14.372.208,00 денари (230.000 евра). Јавното наддавање ќе се изврши електронски на интернет страницата www.e-aukcii.finance.gov.mk

 

 

Во рамките на точката за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција и реализацијата на Планот 3-6-9, владата донесе заклучок да се забрза донесувањето на законите предвидени во одредниците 6 и 9 од планот, и ги задолжи министерствата да ги достават приоритетите за реформи што ќе бидат опфатени до крајот на годината.

Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за Регионална депонија Русино и го задолжи Министерството за транспорт и врски да ја предвиди изработката на Државна урбанистичко планска документација за оваа регионална депонија во годишната програма за финансирање на изработка на урбанистичките планови, урбанистичко плански – документации на Владата на Република Македонија за 2018 година.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Предлог-Националната програма за развој на земјоделството и рурален развој за период 2018-2022 година.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Изградба на автопат Скопје-Блаце“ со проекција работите да започнат во втората половина на 2019 и да бидат завршени до крајот на 2022 година.

На предлог на Министерството за локална самоуправа, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изменување и дополнување на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020 и информацијата за подготовка на нов Акциски план 2018-2020 за спроведување на Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација во Република Македонија 2015-2020.

Пред почетокот на работниот дел од 54-тата седница на Владата на Република Македонија, на иницијатива на Делегацијата на ЕУ во Скопје, беше одржана презентација за реформите во јавните финансии и за важноста на раководната одговорност во ефикасното управување на јавната администрација, што ја подготви СИГМА, заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија, која работи со земјите пристапнички во ЕУ.

Во презентацијата на СИГМА посебен фокус беше посветен на мониторингот за отчетноста во владините институции, со констатација дека во втората половина на 2017 година е направен исчекор во управувањето со институциите и внатрешната контрола, за разлика од првата половина на годината кога за усогласувањето на политиките и стратегиите со финансиите беа искажани оценки.

Извештајот на мониторингот на СИГМА објаснува дека исчекорот напред во втората половина на 2017 година се должи на подготовката на двата стратешки документи „Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018 –2021 година“ и „Стратегијата за реформа на јавната администрација 2017-2022 година.