Премиерот Заев: Сакаме да најдеме прифатливо решение за двете страни

Одговори на новинарски прашања на премиерот Зоран Заев по прес-конференцијата со спортски работници.

Медиуми: Премиере, по вчерашната Ваша изјава дека сме подготвени за име со географска одредница, стигнаа одредени критики дека тоа не било во консултација со опозициските партии и со Претседателот на државата и така натаму. Дали станува збор само за став на Владата, или сепак станува збор за заеднички став на сите? И исто така, ме интересира за изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас, кој што ја спомна средбата во Давос и кажа дека станува збор, дека било договорено на средбата, пакет за кој што и бил тој одговорен и во кој што би биле вклучени идентитет, јазик, нација исто така уставни промени и име ерга омнес. Дали е ова точно?

Премиерот Заев: Уште еднаш само да дадам јасни појаснувања. На средбата во Давос, јас ги слушнав позициите на грчката страна преку премиерот Ципрас. Тој, исто така, внимателно колку и јас ги слушна позициите на нашата, македонската страна. И тоа беше средбата во Давос. Се запознавме, во суштина, навлеговме да ги објасниме деталите за самите вакви позиции. Но, преговарачкиот процес продолжува со посредништво на Нимиц. И ќе ја користиме во иднина секоја можност на билатерална средба, да изнајдеме инвентивно решение, начин што ќе не спои и ќе не доближи, за да дојдеме до решение кое што е прифатливо за двете страни. Решението мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни. И тука нема дилеми, заради тоа што, тоа е нешто, кое што минимум се очекува. Јас реков, сериозно зборувам за прашањата и вчера реков: Став на Владата, или за Владата е прифатливо име со географска одредница. Тоа го темелам на основа на моите очекувања во внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија. На чекорите кои што ќе ги правиме, на она кое што значи можности до каде можеме да се движиме, на спроведливоста на можните решенија и слично. Остануваме секако, достоинството, идентитетот, се важни работи. Јас сум убеден дека Македонија може, со консензус по ова прашање, во интерес на иднината, во интерес на перспективите, НАТО и Европската интеграција на Македонија, со консензус да изнајде решение. Тоа се институциите на државата, политичките субјекти од позиција и опозиција, заедно, и во интерес на процесот не би навлегувал секако во деталите.
Верувајте дека знаеме, што е тоа што е возможно, што е дозволиво и до каде треба да одиме. Ќе направиме се, да изнајдеме решение на овој горлив дваесет и петгодишен проблем, но не по секоја цена.

Медиуми: Еве, во контекст на уставните промени. Дали Атина бара промени на некои членови од македонскиот Устав, еве во оваа фаза?
Јас конкретно, да дополни ако може. За февруари е најавено, дека ќе излезе предлог од Грција за договор? Се разговара на таа тема? Дали министрите веќе почнаа, или кога ќе почнат да разговараат?

Премиерот Заев: Еве, секако знаете дека дел од ставовите на „ерга омнес“ во Грција е промена на Уставот во Македонија. И тоа се ставови на Грција. Ние имаме наши ставови. Значи зборувам за Уставот. Македонија го промени Уставот 1993 година, да го допрецизира членот, 49 од Уставот, вградувајќи амандман два. И ние направивме голем чекор, како земја, таа година. За да го отстраниме иредентизмот. Во моментот, се што правиме, е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, територијални, или било какви. Македонија нема иредентистички побуди, Македонија сака да гради пријателство. И од тој аспект, не ги гледам потребите. Јас внимателно слушам и нашиот партнер со кој што преговараме, но апсолутно знам што е возможно и што е невозможно во Македонија. Зборувам на тој начин, за да дадам шанса на преговарачкиот процес. Многу важна. Апелирам, за да имаме транспарентна постапка, но и на внимателност. Многу е важно да успееме. Реков, не по секоја цена. Драго ми е, што пријателски е односот во Грција, барем на „лидершипот“ на државата, зборувам и за власт и за опозиција. Се уште го сфаќам. Секако постојат и радикални структури и тука и во Грција, но треба да направиме се, да се изнајде решение за да градиме во иднина и билатерално и регионално пријателство со сите.
Средбите продолжуваат. Зборувавте и за делот на она то беше соопштено од министерот Коѕијас дека е можно да има драфт-агенда, драфт-верзија на некој меѓународен договор. Ние рековме дека ќе ги искористиме сите алатки.

Процесот се одвива преку Обединетите нации и преку Метју Нимиц. Но, кога ќе се сретнат двајцата министри, кога ќе се сретнат двајцата премиери, зошто да не го искористиме тоа како можност? Зошто, ако некој инвентивен елемент постои, да не биде како можност? Ако се дојде до некоја драфт-верзија на меѓународен договор, каде што е штиклирано тоа што апсолутно не е спорно, а има такви работи, а сето друго би било драфтирано, како се договара или решава да биде влезено внатре, на крајот ова треба да заврши со меѓународен договор. Таквата идеја или предлог за мене е добредојдена и може да биде од помош. Се спаѓа во моментна дебата и дискусија. Што и да решиме, да вратиме преку Метју Нимиц, кој што го води преговарачкиот процес, заради тоа што на крајот треба да биде формализиран преку ОН. Така да, средби следуваат во февруари, сега е почетокот на февруари, јас очекувам неколку, не една. Времето е кратко, треба брзо да делуваме. Знаеме, отприлика суштините на проблемите. Јас се надевам, уште идната недела под раководство на Метју Нимиц ќе се одржи состанок помеѓу двајцата министри како ново ниво на преговарачкиот процес кој што е договорен.