Презентирани програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија во Владата на Република Македонија

 

Владата на Република Македонија на денешната, 50-та редовна седница, првата точка на дневниот ред им ги отстапи на амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Иван Великов Петков и на шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар.

Амбасадорот на Република Бугарија Иван Великов Петков пред членовите на Владата ги презентираше програмата и приоритетите на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија, додека амбасадорот Жбогар изрази поддршка на процесите поврзани со европските интеграции на нашата земја.

Давајќи им збор на двајцата амбасадори, премиерот Заев истакна дека пораките што доаѓаат од Република Бугарија, актуелен претседавач на Советот на ЕУ, и од ЕУ, се охрабрувачки и мотивирачки за сите учесници во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија одговорно да продолжат во реализацијата на приоритетите и реформите неопходни за реализација на оваа стратешка цел на Република Македонија.

Амбасадорот на Република Бугарија Иван Великов Петков, во своето обраќање ги информираше членовите на Владата за мотото на бугарското претседавање со ЕУ „Заедно сме посилни“ како и за приоритетите, при што го истакна вториот приоритет посветен на европската перспектива и поврзаност на Западен Балкан во ЕУ.

Амбасадорот Иван Великов Петков ги издвои и другите приоритети како што се младите, стабилноста, мирот и солидарноста во Европа, како и развојот на дигиталната економија.

Амбасадорот на Република Бугарија порача дека неговата земја ја поддржува Владата на премиерот Заев, опозицијата и граѓанскиот сектор во напорите за постигнување на највисоките национални цели, членство во ЕУ и НАТО и дека очекува сериозни придвижувања во таа насока и покана за старт на преговорите со ЕУ за време на претседавањето на Република Бугарија со Европскиот совет.

Шефот на делегацијата на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар, во името на ЕУ потсети на изјавата на Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, која на почетокот на оваа година истакна дека 2018 е клучна година за земјите од Западен Балкан чие вклучување во ЕУ е егзистенцијално прашање.

Амбасадорот Жбогар нагласи дека очекува и понатаму во политиките на Владата на РМ да доминира политичка мудрост, како и одржување на напорите за национално единство за решавање на важните прашања во оваа фаза на пристапувањето на земјата во евро-атлантските иницијативи.