Премиерот Заев: Ги поддржуваме сите иницијативи што претставуваат значаен чекор напред во науката и особено во медицината

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ги прими во посета д-р Горан Кунгуловски и д-р Иван Кунгуловски од компанијата „Биоинженеринг“, кои го запознаа премиерот со работата на научниот проектот „Персонализирана генетика – секвенционирање на геном и егзом“, кој има за цел да обезбеди научни сознанија за примена во медицината, и тоа во дијагностиката и фармакогенетиката, како и во повеќе други области во превентивната медицина.

Двајцата млади научници биолози своите сознанија ги црпат од работата во двете лаборатории за молекуларна биологија и за микрогенетика, во кои, со примена на најнови методи на секвенционирање на геноми, ги аплицираат пионерските зафати во сферата на персонализираната медицина, и кои веќе успешно се применуваат во една наша позната приватна болница.

Д-р Горан Кунгуловски и д-р Иван Кунгуловски го информираа премиерот дека со оваа методологија се обезбедува точна и навремена дијагностика, врз основа на која потоа се одредува персонализирана терапија, за разлика од широко прифатените тераписки третмани кои се општи и кои не секогаш и кај секој пациент ги постигнуваат очекуваните ефекти.

Персонализираната терапија вклучува и многу прецизно одредување на терапиите со лекови, а придобивките од раната и прецизна дијагностика, како и персонализираниот медицински третман на утврдените болести, овозможува голем процент на намалени трошоци за здравствените државни фондови.

Примената на новите технологии во медицина врз основа на генетските информации има сериозни потенцијали во преднаталната медицина, во дијагностиката на најраширените болести со фатални исходи, како и во точната и рана дијагностика на ретките болести.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев го поздрави ентузијазмот и работата на младите научници, и им порача колку што може побргу да предложат проект кој ќе ги искористи и кој ќе ги примени нивните искуства во сферата на генетската медицина.

Иновативните пристапи, кои се од помош за докторите и пациентите, се во фокусот на оваа влада. Ќе ги поддржиме и одобриме сите иницијативи што претставуваат значаен чекор напред во науката и особено во медицината – истакна премиерот Заев на средбата со младите научници.

Категорија: