Home
  • Home
  • Links
  • Contact
  • Site map
Home
Macedonian Macedonian
*********************************************
  • Home
  • Government
  • Public Relations
  • Documents





Да се брендира македонското вино - заедничка заложба на Владата, лозарите и визбите

Скопје, 21 октомври


Македонското вино не е препознатливо на европскиот пазар, ниту е барано. Затоа, мора да се брендира, но и соодветно да се промовира, заклучија учесниците на денешната работилница што ја организира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.


Според нив, лозарството во земјава се соочува со многу проблеми, почнувајќи од одржувањето на лозовите насади, преку квалитетот на суровината, до дистрибуција на крајниот производ и реализирање на извозот.


- Квалитетот на суровината е доминантен фактор за квалитетот на виното. Изминатиов период визбите малку напрвија за да го усовршат производството на грозје, за да им помогнат на лозарите, да им кажат во кој правец да работат и каков квалитет да обезбедат. Само така можеме да имаме сигурна суровина, рече Звонимир Божиновиќ, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.


Визбите што имаат сопствени лозови насади имаат најдобра суровина зашто сами го насочуваат квалитетот, а оние што немаат и се принудени да купуваат грозје, од почетокот на кроењето треба активно да учествуваат во формирањето на квалитетот, порача Божиновиќ.
Тој смета дека во овој момент, лозарството во Македонија, од техничи аспект, заостанува зад винарството.


- Насадите почнуваат да го губат значењето што го имаа пред околу 20 години. Заостанати се технологиите на производство, одржувањето и механизацијата. Винарството, пак, направи поголеми чекори и се приближува кон современите текови, истакна професорот.

Јордан Трајков од винарската визба „Попова кула“ нагласи дека Македонија ќе има успешен извоз само ако од виното направи бренд.


- Извозот е голем проблем. Многу се големи трошоците кога визбите сами, поединечно, ги пробиваат странските пазари. Тоа тешко се издржува. Мора да градиме заеднички настап, да напрвиме бренд. Винарската индустрија може најмногу да донесе во Македонија како додена вредност и затоа треба соодветно да се третира. Засега произведуваме 150 милиони литри наливно вино, но што ќе биде ако таа количина ја ставиме во шишиња и ја извеземе, рече Трајков.


Според него, засега само Германија бара македонско вино. - Станува збор за вино чија малопродажна цена во шише е две евра. Тоа е наливно, од т.н. сладок програм, што го произведуваат поголемите визби. Виното што навистина е квалитетно и во шише, европскиот пазар воопшто не го познава, потенцира Трајков и додаде дека сепак, имаме квалитетна суровина и голем потенцијал.


Тој предложи формирање македонски дистрибутивни центри на пазари кои сметаме дека се стратешки за нас, а за подобра промоција, здружување на винарските визби во асоцијација.


- Македонија има квалитетно вино, но потребно е и негово квалитетно претставување. Денеска го направивме тој иницијален чекор кон кроење на една многу посеопфатна стратегија. Едниот процес ќе биде заштита на сортите, ризлинг, вранец и на сите типови што сакаме да ги негуваме во Македонија. Другиот процес е брендирање на македонското вино, а третиот се однесува на квалитетот и неговата контрола зависно од специфичноста на сортите, изјави вицепремиерот Ивица Боцевски.


Министерот за земјоделство Ацо Спасеноски кој нагласи дека придобивката од брендирањето на виното како македонски производ ќе ја почувствуваат сите, уште еднаш им порача на визбите навреме да склучуваат договори со лозарите за навремено обезбедување квалитетна суровина.

- Визбите треба да склучат договори со производителите за да не бараат дозволи за увоз на наливно вино. Тоа во Македонија беше незамисливо, а покажува, како што беше случај лани и оваа година, дека не се воспоставени кооперантските односи, рече Спасеноски и додаде дека Министерството и натаму ќе продолжи да го поддржува пласманот на македонското вино.


Идната година, како што беше речено, се очекуваат измени на Законот за вино согласно најновите регулативи на Европската унија. Факултетот за земјоделски науки и храна интензивно работи на создавање македонски вранец како бренд и на создавање вина од одредени подрачја - тиквешко црно и охридско црно, кои исто така треба да се промовираат како бренд.


По работилницата Боцевски најави дека на 23-ти овој месец, во Брисел, тој и министерот Спасеноски ќе ја потпишат секторската спогодба меѓу ЕУ и Македонија за користење на ИПА фондовите од петтата компонента - земјоделство и рурален развој.


- Ова е крупен чекор за македонското земјоделство. Со церемонијата во Брисел почнува нова приказна за македонскиот аграр, рече Боцевски.

 

  • Printer-friendly version