Министрите Дескоска и Адеми разговараа со претставници на швајцарскиот кантон Тичино за соработка во образованието и дијаспората

 
 
Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, придружувана од министерот без ресор задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денеска во Владата на Република Македонија во посета го примија претседателот на државниот совет и директор на директоратот за образование култура на швајцарскиот кантон Тичино, Мануеле Бертоли.

Господинот Бертоли, заблагодарувајќи се за средбата, истакна дека неговото присуство во Македонија е со цел да го промовира кантонот Тичино, како и да ја манифестира спремноста за соработката на кантонот со македонската влада.

Тој, меѓу другото, истакна дека двете страни имаат многу заеднички теми во кои може да остварат успешна соработка во иднина, ставајќи акцент на практиките за подобрување на образовниот систем пред сè.

Министерката Дескоска ја истакна одличната соработка која Република Македонија ја има со Швајцарија, пред сè во полето на образованието, посебно нагласувајќи ја поддршката на амбасадата на Швајцарија во Македонија, во подобрувањето на македонскиот образовен систем.

Министерката ги посочи напорите на Владата да ги поврзе образовниот систем со бизнис секторот, за подобрување на образованието, а истовремено и на пазарот на трудот.

Господинот Бертоли со министерот Адеми, во текот на средбата разменија информации за важноста на македонската дијаспора во Швајцарија. Тие се согласија дека во дијаспората има потенцијал да биде клучен партнер во размената на идеи и за идната соработка на полето на образованието и во развојот на домашната економија.