Премиерот Заев на настанот за УСАИД за интегрирано образование: Проектот го поддржуваме, градиме едно општество, а младите денес се лидери на утрешнината

 

Почитуван амбасадор на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли,

почитувана министерке за образование и наука, Рената Дескоска,

почитувани вработени во УСАИД и МЦГО,

почитувани претставници од другите амбасади,

претставници на локалните самоуправи, наставници, родители, ученици, директори,

Концептот Едно општество за сите, во којшто се препознаа огромното мнозинство граѓани на Македонија и затоа толку масовно застанаа зад него, Владата на Република Македонија е цврсто одлучна да го спроведе на дело, затоа што тој концепт ја обезбедува иднината на државата.

Тој концепт значи држава за сите, институции за сите, меѓу нив, многу важно, можеби најважно, училишта за сите.

Зошто? Затоа што еве ја и денешнината и утрешнината на Македонија.

Овие деца, овие ученици, овие млади луѓе се нашето денес и нашето утре. Тие се главниот потенцијал за постојан развој на Република Македонија.

Колку порано ги тргнеме бариерите на нивните патишта, по толку почист пат тие ќе одат и ќе можат да се фокусираат на вистинските вредности. Тие вредности не се кои сме, туку што носиме во себе. Колкав потенцијал. Каде може тој потенцијал да се насочи, за да им обезбеди работни места според нивните капацитети, а со тоа и стабилна егзистенција.

Тоа може да го препознаеме, градиме и насочуваме, најмногу преку квалитетен интегративен образовен процес. Општество еднакво за сите подразбира и образование еднакво за сите.

Соживотот се поттикнува и се учи од мали нозе. Така се создаваат генерации без предрасуди, млади луѓе кои ги знаат своите права  и одговорности, кои критички размислуваат, позитивно размислуваат, преземаат акции за менување на нештата, на подобро.

Оваа иницијатива на УСАИД и МЦГО за меѓуетничка интеграција на младите, од 2011 година, е вредна затоа што фокусира кон овие вредности во образовниот процес.

Овој проект што продолжува, ќе има исклучително важен придонес во процесот за образованието и воспитувањето на младите луѓе во духот на демократските вредности и меѓуетничката кохезија, кон што ја развиваме Република Македонија. 

Како премиер ќе додадам дека Владата на Република Македонија ќе ги мотивира сите образовни институции да земат активно учество во овие процеси на меѓуетничка интеграција на образованието. Ќе се заложиме за подобрување на наставните програми за граѓанско образование, за вклученост на учениците во донесување на одлуки на ниво на училиште и за подобрување на училишната инфраструктура.

Оттука ги повикувам сите кои можат да дадат придонес кон развивањето на почитувањето, хуманоста и солидарноста за квалитетно образование на нашите деца, да го направат тоа.  

Сè што правиме за младите генерации, сè е вредно.

Секое дете ни е важно, затоа што секое од нив е темел на нашата заедничка држава, Република Македонија.

Затоа, УСАИД и МЦГО, ви се заблагодарувам од име на граѓаните на Македонија. Благодарам на Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави, на Европската команда на Американската војска, како и на Македонскиот центар за граѓанско образование за континуираната поддршка и придонес кон зајакнување на образовниот систем во Република Македонија.

Оддавам признание и на илјадници наставници, раководни лица, стручни служби, претставници на општините и институциите, родители, ученици кои веќе интензивно се вклучени во овие процеси, верувајќи во граѓанските вредности кон коишто даваат свој допринос.

Мотото на овој проект ја има пораката којашто треба да ја имаме на ум, да, Младите денес, се лидери на утрешнината!