Премиерот Заев и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на заедничка прес-конференција: Имаме многу точки на поврзување како големо богатство, како и за реализација на нови заеднички интереси

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и Претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ, после тет-а-тет средбата и пленарните разговори меѓу министрите во владите на двете земји, во рамките на официјалната посета на владината делегација на Македонија на Србија, одржаа заедничка прес-конференција.

Премиерот Заев, на почетокот го изрази задоволство од можноста да се сретне со српската премиерка и ги оцени како успешни разговорите со неа, како и разговорите на пленарната министерска средба меѓу двете владини делегации.

- Република Македонија и Република Србија имаат партнерски односи со високо ниво на заемна доверба, разбирање и добрососедство. Во нашите меѓусебни односи има многу прашања и теми што не поврзуваат. Како во изминатиот период, така и денес, евроинтеграциите се надворешнополитички приоритети на двете земји. Во однос на ова прашање имаме и билатерална Спогодба за заедничка соработка – истакна Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во обраќањето пред претставниците на медиумите.

Пред големиот број новинари, премиерот Заев потсети дека српскиот народ што живее во Република Македонија е дел од конститутивните народи наброени во Уставот на Република Македонија, дека српскиот е службен јазик во општината Чучер-Сандево, во Старо Нагоричане и во една од најголемите општини во земјата, Куманово, како и дека одбележувањето на Свети Сава, односно 27 јануари, со закон е прогласен за празник и за неработен ден за припадниците на српската заедница во Македонија.

- Од друга страна, во Србија, пак, активни се триесетина здруженија на Македонците кои гравитираат околу Националниот совет на Македонската национална заедница во Република Србија, со седиште во Панчево. Македонскиот јазик е воведен во службена употреба во неколку места, воведен е во законот за образование на Србија и се изучува во Јабука, Качараво и Лесковац. Во Статутот на Војводина, Македонците се воведени како конституивен народ – нагласи Претседателот на Владата на Република Македонија.

- Перцепцијата на граѓаните во Република Македонија е дека Србија е на прво место од соседите со кој најмногу се подобрени односите во последните пет години, сосед со кој граѓаните имаат најдобри лични искуства, сосед чија историја и култура најдобро ги познаваат, сосед за кој се има најдобро мислење, како и сосед со којшто би сакале најблиски односи – истакна премиерот Заев.

Тој потоа говореше за економската соработка меѓу Македонија и Србија, која ја оцени како константно добра, и укажа на фактот што Србија е трета по обем на размената трговски партнер на Македонија, веднаш зад Германија и Велика Британија.

Во завршницата на своето обраќање пред медиумите во Република Србија, Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, говореше и за улогата на двете земји во регионалната соработка.

- Планот за регионална економска област на Западен Балкан, кој се базира на принципите на еднакви услови за сите во регионот и предвидува наши заеднички интереси: Промовирање на понатамошна трговска интеграција; Воведување динамичен регионален инвестициски простор; Олеснување на регионалната мобилност, и креирање на агенда за дигитална интеграција – потенцираше Премиерот Заев.

Тој нагласи дека со премиерката Брнабиќ се согласиле дека од посебен интерес на двете земји е соработката во областа на дигитализацијата, Open Government Partnership, IT секторот, како и креирање на старт-ап култура и претприемнички дух кај младите и иновациите.

- Ја искористивме оваа посета да ги поканиме властите на Србија да дадат свои идеи и предлози за IT Самитот што Република Македонија ќе го организира во 2018 година, во рамките на Берлинскиот процес. Знаеме дека Република Србија има завидни постигнување во полето на дигиталната економија и затоа сме отворени да ги слушнеме добрите искуства и успешните практики.
Овие можности на новите иницијативи во регионот бараат силно партнерство меѓу владите на земјите од Западен Балкан – истакна Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ во своето обраќање на прес-конференцијата по средбите на двете делегации, ја сподели согласноста дека Република Србија и Република Македонијаделат успешна соработка во повеќе области.

Во таа насока таа ја потврди согласноста за одржување на седница меѓу двете влади во знак на добрите пријателски односи, како и заедничките иницијативи во повеќе други билатерални и регионални проекти.

Премиерката Брнабиќ истакна дека унапредувањето на односите меѓу двете земји е од особен интерес на Република Србија со оглед на фактот дека двете земји делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите, инфраструктурните проекти во рамките на коридорот 10 и многу други.

Регионалното поврзување е во врвните приоритети на двете земји и на тој план се очекуваат многу резултати, изјавија во завршницата на прес-конференцијата премирерот Заев и премиерката Брнабиќ.

Претседателите на владите на Република Македонија и Србија одговараа на повеќе прашања од интерес на медиумската јавност и истакнаа дека двете земји за сите прашања разговараат и ги решаваат на начин како што тоа го прават пријателски земји, низ отворен дијалог.