Премиерот Заев на средба со претставници на УНИЦЕФ: Заедничка соработка на програми за поддршка на развојот на сите деца без исклучок

 
Премиерот на Република Македонија Зоран Заев, денеска, во својот кабинет се сретна со делегацијата на УНИЦЕФ, предводена од господинот Бенџамин Перкс.
 
На средбата, премиерот Заев, ги запозна гостите од УНИЦЕФ со реформските определби и владините приоритети за подобрување на состојбата со човековите права и правата на децата во Република Македонија.
 
Од страна на Претседателот на владата, Зоран Заев, оваа средба беше оценета како добар почеток за двете страни и во однос на подобрување на животот на децата од најсиромашните и ранливите групи во општеството.
 
На средбата беше заеднички констатирано дека овие прашања имаат одговор во заедничката соработка меѓу институциите на Република Македонија и УНИЦЕФ, исто како и за предизвиците со кои се соочуваат децата од ранливите категории во образовниот систем.
 
„Чест и задоволство е да го имаме УНИЦЕФ како партнер“, рече премиерот Заев на средбата, и ги покани претставниците на фондацијата за деца на Обединетите нации, со свои коментари, предлози и проекти, да бидат соработници на владата во успешното справување со предизвиците за подобрување на условите за живот и развој на сите деца без исклучок во Република Македонија.