Средба Димитриев - ДИК: Исполнети сите услови за фер избори

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, г-дин Емил Димитриев, денеска (вторник, 06.12.2016 година) оствари средба со членовите на Државната изборна комисија, на која присуствуваа и дел од членовите на Владата на Република Македонија.

На средбата на која детално се разговараше за сите активности поврзани со изборниот процес и денот на изборите, заеднички беше констатирано дека ваквиот вид на средби, досега, директно придонесоа за целосно реализирање на сите предвидени активности поврзани со подготовката и организацијата на изборниот процес, при што уште еднаш беше констатирана заедничка цел за одржување на фер, демократски и кредибилни избори, за кои се создадени сите потребни услови.

Потенцирајќи ја потребата од демонстрирање на позитивен пристап во насока на градење на доверба во целокупниот изборен процес од страна на сите политички партии, премиерот Димитриев истакна дека Владата задолжена за спроведување на изборите и Државната изборна комисија изминатиот период беа максимално посветени на реализација на сите приоритетни активности за подготовка на изборите и изрази очекување дека таквата посветена работа ќе биде заокружена со добро организиран изборен ден на кој граѓаните на Република Македонија на фер и демократски начин ќе ја изразат својата волја. Во тој контекст, од членовите на Државната изборна комисија беше побарано да продолжат со својата посветена ангажираност и да информираат доколку имаат одредени дополнителни потреби за кои Владата и надлежните институции, согласно законските прописи, можат да излезат во пресрет на Државната изборна комисија.

Претседателот на Државната изборна комисија, г-дин Александар Чичаковски, изразувајќи благодарност за конструктивната соработка со Владата, информираше дека се е подготвено за одржување на изборите и дека сите потребни активности се реализирани согласно предвидената динамика. Информирајќи дека избирачкиот список е потпишан и исконтролиран од подрачните одделенија на Државната изборна комисија, истакна дека во моментов се врши пакување и контрола на испечатениот изборен материјал и се реализираат останатите предвидени активности на Државната изборна комисија кои се во насока на организација на денот на изборите.

На средбата заеднички беше констатирано дека се создадени сите услови за спроведување на фер, демократски и кредибилни избори и заеднички беше изразено очекувањето дека на 11 декември граѓаните на Република Македонија на фер и демократски избори ќе ја изразат својата волја.