Рангирањето на Македонија во „Дуинг бизнис“ историски резултат, од 2007 година скок од 84 места

Рангирањето на Македонија на 10-тото место во светот и 5-тото место во Европа во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светската банка е историски резултат кој произлегува од големата посветеност и труд на Владата и претставува поттик да се продолжи со реформите за создавање поволна бизнис клима, оцени денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски.

На прес-конференцијата во Владата, вицепремиерот Пешевски посочи дека Македонија бележи континуиран напредок во извештајот на Светска банка и оти во споредба со 2007 година забележан е скок од 84 места.

- Овој континуиран напредок е резултат на напорна и координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со кои се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки, истакна Пешевски.

Според него, најновото рангирање на Македонија е одлична вест и ќе придонесе за уште поголема афирмација на земјата во светски рамки.

- Извештајот „Дуинг бизнис“ е најреномиран светски економски извештај и има големо внимание кај светските мултинационални компании. Бизнис климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, да продуцираат нови производи и да го зголемуваат извозот, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата, нагласи Пешевски.

Тој додаде дека резултатите од извештајот се особено значајни за Владата и оти од страна на светски реномирана финансиска институција е препознат трудот и вложениот ангажман во спроведувањето на економските реформи.

- Овие резултати можеа да бидат и подобри доколку во овие десет години, а особено во последните две, не ни се испречија неколку многу комплексни ситуации, кои го забавија процесот на спроведување на реформите, на еден или на друг начин, потенцира Пешевски. 

Министерот за финансии Кирил Миноски посочи дека процедурите за водење бизнис во сите сегменти во Македонија се значително олеснети, поедноставени и намалени, а скратени се и времето и трошоците.

- Благодарение на континуираните реформи и настојувања за постојано подобрување, денес во Македонија се стопанисува побрзо и поевтино во однос на пред десет години или во однос на сегашните процедури во земјите од Европа, централна Азија и ОЕЦД. Така денес во Македонија се плаќа три пати пониска ефективна даночна стапка, три пати побрзо се увезува и извезува стока при што извозот е удвоен и намален е трговскиот дефицит, полесно се пристапува до кредити и многу побргу се решаваат стечајните постапки, рече Миноски.

Тој посочи дека Македонија се наоѓа на 9-тото место во светот по индикаторот Плаќање даноци, на 16. место кај индикаторот „Пристап до кредити“, на 27. место кај индикаторот „Услови за прекугранично тргување“ и на 32. место по „Решавање на несолвентност“.

И во однос на останатите индикатори, Македонија котира повисоко во извештајот на Светска банка. Така, Македонија е четврта земја во светот по Нов Зеланд, Канада и Хонг Конг каде е најлесно да се започне бизнис, а на 11. позиција во светот е рангирана според индикаторот за вадење градежни дозволи. Според индикаторот за заштита на малцински инвеститори, Македонија го зазема 13-тото место во светот, а уште една категорија каде има значителен напредок е пристапот до електрична енергија каде е рангирана на 29. место.

Во извештајот „Дуинг бизнис“ во кој се мерат условите за водење бизнис во 190 држави во светот, Македонија е подобро рангирана од Австралија, Германија, Австрија, Канада, Франција.... Според извештајот, Македонија е земја со најдобра бизнис клима на Балканот. Зад неа се Бугарија која е рангирана на 39. место, Србија на 47., Албанија на 58., Косово на 60. и Грција на 61. место.