Интензивно се реконструира општата болницата во Велес

Интензивно се работи на реконструкција на општата болница во Велес, каде се менува фасадата со енергетски ефикасна, се реконструира покривот, целосно се реконструираат очно, ушно и гинеколошко одделение, а започна и изградба на оддел за интензивна нега во интерно одделение.

Увид во работите денеска изврши вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров.

- Целата реконструкција е некаде околу 21 милион денари и е обезбедена како резултат на заштедата од набавката на лекови што го направи Министерството за здравство и овие средства од страна на ФЗОМ беа пренаменети и наместо за поскапи лекови коишто се плаќале претходно, за реконструкција на општата болница во Велес, рече Тодоров.

За потребите на интензивната нега, посочи, велешките лекари ќе одат на обука во Скопските клиники, а и лекари од таму ќе доаѓаат во Велес да вршат обука додека трае изградбата на одделението.

- Очното и ушното одделение се веќе при крај и наскоро ќе бидат пуштени во употреба, а останатите градежни активности предвидено е да завршат до крајот на годината. Ова е многу значајно, не само за Велес туку и за целиот поширок регион, затоа што Велес не дава здравствени услуги само на Велес, од целиот овој регион во Македонија, пациенти доаѓаат во општата болница во Велес и имаше неопходна потреба од ваква интернистичка интензивна нега и затоа денеска почнуваме со нејзина градба, додаде Тодоров.

Градежните активности предвидено е да завршат до крајот на годината.

Директорот на Општа болница Велес Атанас Василев, рече дека за околу една недела ќе може да почне лекувањето на пациенти, бидејќи таа треба да се дезинфицира и да се постават плочи и ќе почне со работа откако ќе се добијат резултатите од проверките.