Премиерот Димитриев на погребот на Перез

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев денеска во Ерусалим присуствуваше на државната меморијална церемонија и државен погреб на деветтиот претседател на Израел Шимон Перес. 

За време на престојот во Израел премиерот за спроведување на изборите Димитриев имаше куса средба со израелскиот премиер Бенјамин Натанјаху. 

Израел е голем пријател на Македонија. Билатералните односи меѓу Македонија и Државата Израел ги карактеризира висок степен на пријателство, меѓусебно разбирање и задоволително ниво на политички односи, кои континуирано се негуваат преку одржување редовни политички консултации, размена на посети на високо и продлабочување на соработката и во други области. Акцентот во билатералната комуникација е ставен на економската соработка, која сè повеќе се унапредува. Во 2008 година двете држави потпишаа декларација за зајакнување на соработка во областа на безбедноста, договор кој е сличен на Декларацијата што РМ ја потпиша со САД. Истата година Израел ги укина визите за македонските граѓани.

Во 2015 година при посетата на поранешниот премиер Никола Груевски беше потпишана Декларација за пријателство која е од стратегиско значење. Во таа прилика Нетанјаху истакна дека двете држави имаат пријателство кое треба да се искористи за понатамошно продлабочување на соработката во повеќе полиња.

Церемонијата на државниот погреб на Перес, поранешен претседател и премиер на Израел и добитник на Нобеловата награда за мир, кој почина во средата на 93-годиншна возраст се одржа на израелските национални гробишта Гора Херци во Ерусалим. На погребот присуствуваа голем број светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Барак Обама, францускиот претседател Франсоа Оланд, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, германскиот претседател Јоаким Гаук и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Присуствуваа и поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, канадскиот премиер Џастин Трудо, поранешниот британски премиер Тони Блер, британскиот принц Чарлс, шпанскиот крал Фелипе Шести, холандскиот премиер Марк Руте,  и многу други. 

Во Израел се воведени зајакнати мерки за безбедност, при што се ангажирани осум илјади полицајци.