Димитриев по Самитот во Виена: Македонија е дел од решението на бегалската криза во Европа

Балканската мигрантска рута е дефинитивно затворена и така и треба да остане. Ова е заклучокот од денешниот Самит „Мигрантската рута на Балканот“ во Виена, на кој покрај претседателот на Владата на Република Македонија, Емил Димитриев, присуствуваа и девет други премиери, меѓу кои и австрискиот и германскиот канцелар, Кристијан Керн и Ангела Меркел, Виктор Орбан од Унгарија, Миро Церар од Словенија, како и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, јави дописникот на МИА од Виена.

Според канцеларот Керн, денеска се договорени три клучни точки на овој Самит, а тоа е засилување и целосно обезбедување на надворешните граници на Европската унија, пред се во морскиот дел меѓу Грција и Турција, со помош на Европската гранична служба Фронтекс. Второто е целосно спроведување на договорот ЕУ-Турција, кој е замрзнат поради неодобрувањето на Унијата на визна либерализација кон турските граѓани, што е клучен услов за Турците да го запрат напливот и да започне сериозно враќање на нелегалните мигранти во оваа земја. Третата точка, според премиерот Керн, е постигнување идентичен договор каков што има Унијата со Турција и со африканските земји, како Мали, Сенегал, Египет и други од каде доаѓаат се поголем број нелегални мигранти.

Македонскиот премиер Емил Димитриев во изјава по Самитот посочи дека сите земји-партиципиенти на истиот ги искажале своите позиции, при што Република Македонија јасно ставила до знаење дека очекува да има јасен и прецизен договор од страна на земјите-членки на Европската унија и дека тој договор и политики ќе ги примени и македонската држава, бидејќи аспирира за членство во ЕУ. Според Димитриев, тој го реафирмирал и се она што досега го има направено Македонија на планот справување со мигрантската криза, за што земјата добила пофалби од присутните на денешниот Самит.

- Република Македонија е едноставно дел од решението за оваа криза, бидејќи балканската рута минува низ нашата држава. Јас очекувам дека ЕУ ќе направи се што може максимално во делот на превентивата, како и во делот на комуникацијата со Турција и останатите земји што се потенцијални земји од каде доаѓаат мигрантите, а да не дојде до истото. Но, ако се случи нов бран на мигрантска криза, ние соодветно ќе реагираме, рече Димитриев.

Според претседателот на македонската Влада, тој на Самитот истакнал и дека очекува конкретна и јасна поддршка на македонските институции, односно пред се на армијата и полицијата, кои имаат непланирани трошоци за справување со оваа состојба.

- Ние очекуваме дека нашите партнери од ЕУ ќе го земат сериозно ова што го кажавме како позиција. Финансиската помош и е повеќе од неопходна на Република Македонија. Ние и се она што досега го направивме, го сторивме со сопствени средства од нашиот буџет, а тие средства се огромни за македонскиот буџет. Тие се апсолутно непланирани и јас апелирав таа поддршка да биде побрза, реална и пропорционална со трошоците што ги имаме и да биде адресирана на владините институции што се справуваат со кризата. Се разбира, вклучувајќи го тука и невладиниот сектор што очекува поддршка, но акцентот треба да се стави на институциите што ги трошат средствата и на нив да им бидат рефундирани. Трошоците што ги прават нашите институции се релевантни и треба да бидат надоместени од ЕУ, бидејќи Македонија со ништо не придонесе да се случува овој проблем што на дневна основа троши големи суми пари на граѓаните на Република Македонија, потенцира Димитриев.

Информациите дека на овој состанок повторно на сцена се појавиле поделбите меѓу ЕУ-земјите во пристапот кон справувањето со бегалската криза, што на сцена се појавија пред две недели на Самитот на Унијата во Братислава, го потврди и премиерот Димитриев.

- Имаше различни гледања на состојбите. Факт е дека, како што кажа и канцеларката Меркел, на дневна база во Германија и во другите земји се уште пристигнуваат мигранти. Тие пристигнуваат од различни патишта и не се сите од балканската рута. Прашањето со мигрантската криза е констатирано дека трае и во моментов. Згора на се, се имаат предвид и потенцијалните нови мигранти што во огромни бројки би можеле од некои земји да тргнат. Имаше различни видувања меѓу самите земји-членки на ЕУ, но се договорија одредени средби на пониско оперативно ниво од што ќе изнедрат конкретни мерки и решенија што ќе дадат конечно решение на мигрантската криза, изјави Димитриев.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во изјава по Самитот апелираше Европската унија час поскоро да ги укине визите за влез на турските граѓани во ЕУ со цел целосно да профункционира договорот за мигрантската криза. Тој призна дека на грчка територија се уште има околу 66 илјади бегалци, за што бил укорен од страна на германската канцеларка Меркел за неуспешното справување на грчките власти со овој проблем, иако за тоа Грците добиле десетици милиони евра од европскиот буџет.

Македонскиот премиер Емил Димитриев потврдува дека имало вакви дискусии и дисонантни тонови меѓу самите земји-членки на ЕУ на овој Самит:

- Имаше такви дискусии и од страна на грчката Влада, односно дека тие прават се максимално за да не доаѓаат мигранти во Македонија и понатаму. Но, факт е дека мигранти доаѓаат на дневна база и ние во Македонија се соочуваме со околу 150 до 200 обиди за нелегални преминувања на нашата граница. Значи, сепак, протекува одреден број на мигранти и во иднина мора да имаме посилен фокус и поконкретна акција, генерално и како земји-кандидати за членство во ЕУ и земји-членки на ЕУ, конкретен е Димитриев.

Во неговата дискусија пред европските лидери, според Емил Димитриев, тој потенцирал дека не треба да се пропушти земјите да креираат политики на национално ниво и дека „главната акција да не биде префрлување од една до друга сопствена граница, туку да се има јасна политика“.

- Дали тоа ќе биде политика на реадмисија, односно повторно враќање на бегалците во земјите од каде што доаѓаат или политика на запирање за тие воопшто да не тргнат, тоа останува клучните земји од Европската унија да го решаваат со повиканите земји - заклучува Емил Димитриев.