Вкупно 700.000 евра достапни за средните стручни училишта

Стимулативната грант програма чија цел е поврзување на средните стручни училишта со бизнис заедницата, заради унапредување на практичните вештини и знаења на учениците и создавање на квалитетен кадар, подготвен за настап на пазарот на трудот, започна со реализација, информираше заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Тој додаде дека на јавниот повик објавен во месец април, аплицирале 43 училишта со вкупно 110 предлог проекти, за доделување на неколку типови на грантови во висина од 5.000 до 20.000 евра и тоа: за финансирање на проекти за реализација на практичната настава во склоп на училиштата; за организирање на кампови за техничка обука за време на летен распуст; курсеви за практична обука во училиштата; за проекти за реализација на практична настава во компаниите - директно на работно место; за проекти за основање на реални училишни компании и слично.

Ристовски посочи дека по спроведената евалуација од страна на посебна комисија, составена од претставници на министерството и на стопанските комори прифатени се 54 предлог проекти, чиешто финансирање ќе се реализира етапно.

“Најпрво ќе бидат финансирани првите 10 најдобро рангирани проекти, за кои, во текот на месец август ќе бидат префрлени средства на самите училишта, а реализацијата ќе започне со почетокот на учебната година. Потоа ќе следат уште неколку фази во кои ќе бидат спроведени и сите останати 44 проекти, за кои е донесена одлука да бидат финансиски поддржани“, истакна заменик министерот.

Ристовски посочи дека бенефитите од мерката за стимулирање на училиштата и партнер компаниите се препознаени, најавувајќи дека истата ќе се спроведува и во следните години.

Инаку вкупната вредност на целата програма која што се спроведува во рамки на “Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации“ при Министерството за образование и наука со поддршка на Светската банка е во вредност од 700.000 евра.