Намален бројот на вработени во јавната администрација

Јавниот сектор во Македонија брои 127.139 вработени во вкупно 1.266 институции што е речиси еден отсто помалку во однос на јули минатата година, соопшти денеска министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

Презентирајќи ги резултатите од регистарот на вработени што требаше да се воспостави заклучно со утре, но е веќе во функција, најмногу вработени има во секторот образование и наука, 34.200, и во здравството, 19.826, додека најмалку во судството и културата.

Во институциите на централно ниво: собрание, влада, министерство, фондови, агенции, дирекции,..., се вработени 17.077 лица, во полицијата 11.359, а во одбраната 7.825.

- Бројката на вработените во јавниот сектор е намалена зашто изминатиов период се објавени исклучително помал број огласи, односно само неколку, за војската и полицијата, како и во други сегменти каде, поради потреба, се склучени времени договори за не повеќе од една година, истакна Арсовска Томовска на прес-конференција.

Како што информира министерката, за дополнителна транспарентност, од идната недела на веб страницата на Министерството секој вработен во јавниот сектор со внесување на матичниот број ќе може да провери дали е внесен во регистарот.

- Ваквиот начин на транспарентно и отчетно работење ќе придонесе за поголема доверба на целата јавност во врска со податоците за обемот и структурата на јавниот сектор. Податоците ќе бидат достапни и за стручната и научната јавност, државните органи и други заинтересирани субјекти, потенцира Арсовска Томовска. 

Одговарајќи на новинарско прашање, министерката објасни дека со новиот Закон за вработени во јавниот сектор сите институции се должни да направат функционална анализа, да се преструктуираат организациски и во актот на систематизација да стават толку работни места, колку што им се потребни.

- Систематизацијата е ограничена: ако институцијата има 100 вработени, може да систематизира 150 работни места. Оваа бројка е предвидено да опаѓа скалесто, до 2019 година кога на 100 вработени ќе може да има само 110 систематизирани работни места. Целта на ваквото решение е потребата да се има солидна структура и пополнетост на работните места за што поефикасно функционирање.

За новооснованите институции, пак, треба да се систематизираат повеќе работни места зашто тие треба постепено да се наполнат и за нив, поради тоа, не може да важи истиот режим како за веќе етаблираните институции.

Регистарот на вработени во јавниот сектор се уште се полни и овој процес треба да заврши на 31 март годинава кога ќе биде објавен и првиот годишен извештај.