Регионален развоен центар на Искрател почна со работа во Македонија

Словенечката групација Искрател во Република Македонија го отвори својот регионален развоен центар. Ќе работат 100 вработени стручни квалификувани лица, а според менаџментот одлуката да го отворат токму во Македонија се брзорастечката ИКТ индустрија во земјава и долгогодишната добра соработка и доверба.

Официјалниот почеток со работа на Регионалниот центар го означија вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, претседателот на УО на Искрател Жељко Пуљич и директорот на Искрател Скопје Јанез Сајовиц.

Вицепремиерот Пешевски, посочувајќи на политиките, мерките и проектите што ги презема Владата во оваа индустрија, како и добрите бизнис услови што ги нуди земјава рече дека тоа се причините поради кои разни фирми кои работат во делот на информатичките и комуникациските технологии одлучија да ја прошират својата дејност токму во Република Македонија.

- Една од тие фирми е и „Искрател“ која денеска официјално го отвора својот нов регионален развоен центар во Македонија, рече Пешевски, додавајќи дека тоа ќе биде одлична можност за сите дипломирани студенти по информатичка технологија и сите професионалци кои работат во ова поле да се доусовршат и специјализираат во своите области.

Тој додаде дека иднината е во ИКТ индустријата и оти чекорите што се спроведуваат од страна на Владата и следени од приватниот сектор ќе биде она што ќе ја дефинира нашата иднина.

Претседателот на УО верува дека во Македонија ќе најдат кадри кои ќе помогнат во остварување на стратегијата на групацијата до 2020 година. 

- Во Македонија најдовме елементи да ја продолжиме и унапредиме соработката и веруваме дека има кадри кои можат да помогнат во остварување на стратегијата, рече Пуљиќ, додавајќи дека станува збор за една долгорочна соработка и оти еден дел од додадената вредност ќе вратат на локалната заедница. 

Од Искрател сметаат дека ќе дадат значаен придонес во ИКТ индустријата во Македонија.

- Живееме во исклучителен динамичен свет. Време кое бара брз одговор и ние секогаш ќе бидеме подготвени да одговориме и да го покажеме нашето долгогодишно искуство, рече директорот на Сајовиц.

Искрател групацијата е со седиште во Крањ, Словенија, со 60-годишно искуство.