Конференција за зајакнување на капацитетите за криминалистичко разузнавање

„Развивање на напреден систем за собирање информации и анализа за борба против организираниот криминал“, е насловена конференцијата што денеска се одржа во Скопје, во рамки на твининг проектот финансиран од програмата ИПА 2011 од ЕУ, а ќе се реализира во наредните 24 месеци, од страна на Министерството за внатрешни работи и Федералната служба за криминал во Република Австрија со посредство на австриската Агенција за европска интеграција и економски развој.

Проектот во вредност од 900 илјади евра, има цел да развие интелигентно воден полициски модел за централните и регионалните полициски служби, што ќе обезбеди препораки за правни реформи и реорганизација на полициските структури преку поефикасна и ефективна меѓуагенциска соработка во областа на размена на информации.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, кој учествуваше на конференцијата во обраќањето посочи дека општествените промени ја наметнаа потребата од неопходни промени во спроведување на законот како соодветен одговор на пософистицираните методи на извршување на кривичните дела и напорите на сторителите да избегнат соочување со законот.

- Одговор за современиот организиран криминал е воведување на методологија во полициското работење која ќе му обезбеди одредени предзнаења на полициското постапување и ќе го стави чекор пред сторителите на кривични дела, рече Чавков.

Согласно планот, информираше тој, имплементацијата на проектот ќе се одвива во три компоненти и тоа подготовка на анализа на моменталната состојба за имплементација на моделот на полициско работење водено од разузнавање, воспоставување правна рамка за концептот на полициско работење водено од разузнавање и развивање на модел за обука и спроведување на обуки во областа на полициско работење водено од разузнавање

Краен корисник на резултатите од проектот во рамки на МВР, подвлече Чавков, ќе биде Секторот за криминалистичко разузнавање и анализа при Бирото за јавна безбедност и регионалните организациони единици за криминалистичко разузнавачка анализа.

Наредниов период, истакна министерот Чавков, пред нас претстојат многу активности и предизвици на кои заедно со нашите твининг партнери ќе го дадеме својот максимум за нивно остварување, особено во делот на зајакнување на капацитетите за имплементација на концептот на криминалистичко разузнавање.

- Ќе биде изготвена проценка на постоечката организациона структура на локално и регионално нив со цел да биде надградена и преструктуирана преку воведување на европските стандарди во полициското работење. Се предвидува зајакнување на  соработката помеѓу институциите кои го спроведуваат законот и разменуваат информации во Република Македонија. Во активностите на проектот ќе биде направен осврт и проценка на правната рамка со цел нејзино подобрување и усогласување со европската, преку изготвување  на препораки и подзаконски акти, рече меѓу другото Чавков.

Во рамки  на Твининг проектот планирано е да се спроведе и тренинг за тренери на полициските службеници со што ќе се овозможи практична имплементација на стекнатото знаење во секојдневното работење како и обезбедување на одржливост на резултатите на овој проект.

Мартин Клауке, раководител за соработка на делегацијата на ЕУ истакна дека проектот ќе обезбеди значителна поддршка за полицијата и за другите агенции кои го спроведуваат законот, при спроведување на идни реформи, претставени преку ЕУ, а поврзани со прислушување на комуникации.

- Проектот ќе придонесе кон подобрување на перцепцијата и способноста на полициските служби во заедниците, а ќе ја подобри и полициската ефикасност при собирање информации за да ја гарантира внатрешната безбедност и почитта на граѓанските права и слободи. Битно е да се воспостави неопходната правна рамка и да се спроведат тие закони, изјави Клауке.

Тој додаде дека проектот е нов метод за решавање на проблеми кои ги засегаат заедниците, а главен елемент претставува наоѓање баланс меѓу безбедноста и слободите.  Потсети дека една од препораките од извештајот на Прибе вели дека прислушувањето на комуникации со цел да се изврши криминалистичко истражување и прислушувањето за безбедносни причини био требал да се сметаат за одделни функции и да бидат одделно регулирани. 

Рената Коблер, амбасадор на Австрија во Република Македонија изразувајќи надеж дека овој проект успешно ќе биде спроведен меѓу другото потсети дека во Македонија имаат успоешно реализирано три твининг проекти. Едниот е обука на вишото раководство во Бирото за јавна безбеднсот, вториот, информира таа, е зајакнување на административните капацитети на УЈП во областите на истражување и борба  против затајување на даноци преку обука на кадри и подобрување на комуникациските канали и третиот проект е поддршка на интеграција на етничките заедници во образованието.