Македонија влегува на светската филмска мапа со снимањето на францускиот „А Фонд“

Во Македонија од 7 септември годинава ќе започне снимањето на францускиот игран филм „А Фонд“ во режија на Никола Бенаму, што претставува најголема странска инвестиција во областа на филмската индустрија досега во земјата. Филмот е во продукција на „Шик Филмс“, реномирана француска компанија со импозантно портфолио и долгогодишна традиција која стои зад бројни филмски остварувања наградени со престижни филмски награди.

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска на денешната прес-конференција по повод отпочнувањето на снимањето на филмот истакна дека станува збор за проект со кој Македонија се претставува како нова и атрактивна филмска дестинација на мапата на светската филмска индустрија.

- Од денеска во нашата држава ќе се снимаат големи филмски остварувања што е резултат на заложбите на Владата која во изминатиот период интензивно настојуваше да ги промовира потенцијалите на нашата држава и да ги зголеми вложувањата во РМ. Организиравме многу кампањи. Со измените на Законот за филмска дејност ја олеснивме соработката со странските продуцентски куќи и анимиравме голем број еминентни продукции од целиот свет. Резултатите се денеска пред нас, рече Канческа - Милевска.

Таа нагласи дека овој филмски проект носи огромни придобивки за Македонија, за афирмацијата и промоцијата на државата како филмски центар во меѓународни рамки. Економскиот бенефит, пак, од реализацијата на филмскиот проект кој ќе се снима во наредните два месеца изнесува два милиона евра.

- Најголемиот бенефит за Македонија е што овие странски филмови кои ќе се снимаат во Македонија ќе бидат гледани на голем број светски и европски сцени, а со тоа и Македонија ќе биде центарот на вниманието и очекувам дека ќе привлечеме и голем број други продукциски куќи кои ќе снимаат во Македонија, истакна министерката за култура.

Во снимањето на филмот ќе бидат вклучени преку 100 професионалци од Франција и околу 400 филмски работници, статисти и придружни соработници од Македонија, кои, подвлече, работејќи со врвната француска филмска екипа ќе ги унапредат и своите вештини.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски информира дека за потребите за снимањето на филмот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на обиколницата во Скопје на потегот од Хиподром до Сарај и на автопатот Неготино - Велес.

- Одобрението за посебниот сообраќаен режим е издадено врз основа на посебно изработен сообраќаен проект согласно кој сообраќајот од клучката Хиподром до клучката Сарај ќе биде затворен за сообраќај од 7 - 11 септември, од 14 - 18 септември, од 21 - 25 септември и 28 септември секој ден од 7 -19 часот, време кога ќе се снима филмот. Во овие денови сообраќајот ќе се нормализира од 19 часот па се до 7 часот наутро. Продукцијата ќе снима сцени и на делницата Неготино - Велес за што и овој дел од автопатот ќе биде затворен во период од 21 ден и тоа од 29 септември - 2 октомври, од 5 - 7 октовмри, од 14-16 окктомври и од 18 - 23 октовмри, исто така во периодот од 7 до 17 часот. Во текот на снимањето на оваа делница сообраќајот ќе се пренасочува преку регионалниот пат Велес - Градско, информира министерот Мисајловски.     

Тој рече дека согласно потпишаниот договор, француската продукциска куќа ќе издвои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес - Градско преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот, како и 12,7 милиони денари средства кои Македонија би ги инкасирала од патарините за користење на автопатот и обиколницата доколку би биле отворени. 

- За средставта што продукцијата треба да ги исплати за користење на овие делници цената е пресметана врз основа на просекот на бројот на поминати возила на наплатните станици Петровец и Градско споредено со септември и октомври во 2014 година кои продукцијата ќе ги плати во целост. Дополнително е постигнат договор со продукцијата и „Македонија пат“ за санирање на регионалниот пат Велес - Градско и поставување нова сигнализација за безбедно одвивање на сообраќајот, рече Мисајловски.

Тој додаде дека санацијата на патот не била дел од преговорите, но продукцијата излегла во пресрет лично на негово барање.   

Продуцентот на филмот, Марко Шеркуи и режисерот Бенаму, кој е познат по филмот „Бејбиситинг“, изрази задоволство од идеалните услови што им биле понудени за снимање на филмот во Македонија.

- Само во Македонија ги најдовме и составивме сите технички елементи кои за нас се многу важни, бидејќи филмот изобилува со многу каскадерски сцени, рече Бенаму кој очекува ова да биде возбудлива авантура.

Шеркуи истакна дека подолго време биле во потрага по соодветна локација, а Македонија ја избрале по разгледување на локации во Шпанија, Италија и Грција.

Сашо Павловски од продукциската куќа „Мануфактура“ од Скопје информира дека соработката што ја постигнале со француските продуценти од „Шик Филмс“ е резултат на воспоставените контакти во октомври лани на фестивал во Италија, како и на повеќето средби што следеле. Изрази надеж дека оваа соработка, како што рече, ќе отвори врата и за многу нови продукциски проекти.

Продукциската куќа „Шик Филмс“ снима 250 до 300 филмови, а филмот што ќе се снима во Скопје е акциска комедија која ги следи доживувањата на едно француско семејство кое тргнало на летен одмор, но возилото им се расипало на автопат и не може да сопре бидејќи е без кочници. Премиерата на филмот се очекува во јуни следната година.

Француската филмска индустрија се смета за мега филмска индустрија и е трета во светот според бројот на остварени филмски проекти.

Инаку, министерката Канческа - Милевска најави дека покрај овој филм на продуцентската куќа „Шик Филмс“ ќе се снимаат и неколку други големи филмски проекти. На крајот на септември ќе започне снимањето на американски филм на продуцентот Моше Дијамант , кој во своето продукциско портфолио има над 100 филма меѓу кои и филмови со режисери како Брајан Де Палма. Од 15 до 20 септември во земјата ќе престојуваат американски и британски продуценти од „Дизни“ и „Ворнер“.