Индустриската зона Василево една од најуспешните во државата

Индустриската зона Василево е една од најуспешните изградени во општините во државата согласно препораките на Владата во секоја општина да биде изградена индустриска зона заради привлекување инвестиции и отворање нови работни места, оцени премиерот Никола Груевски по посетата на индустриската зона во општина Василево.

- Продадени се 77 парцели на кои веќе се изградени стопански објекти кои функционираат. Во зоната има преостанато уште 10 локации за кои веќе се издадени градежни дозволи, а останати се уште две-три непродадени, посочи премиерот Груевски.

Тој посети и една од компаниите лоцирана во зоната „Евромак“ која функционира како откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи кои ги пласира на пазарите во Европа.

- Компанијата има добиено два проекта од ИПАРД Програмата за набавка на ладилници и извезува земјоделски производи во поголем број држави во вредност од четири до пет милиони евра годишно, што е значајно за овој крај и за индивидуалните земјоделци, рече Груевски.

Тој во разговор со градоначалникот на Василево Ване Стојанов бил запознат дека се планира зоната наскоро да се прошири заради, како што истакна, големиот интерес на компаниите за инвестирање и проширување на своето производство во рамки на оваа зона.

Драгица Цекова, менаџер на компанијата „Евромак“ посочи дека двата проекти во вредност од 11 милиони денари што ги добиле од ИПАРД Програмата многу помогнале за зголемување на нивниот извоз.

Премиерот Груевски вчера во рамки на обиколката на струмичкиот регион ја посети и фабриката за производство на мебел „Јавор-мебел“ во село Турново, која претставува успешен пример за користење на владини субвенции од проектот „Македонија вработува“.

Шефот на Владата за време на посетата на струмичкиот регион промовираше проекти во вредност од околу четири милиони евра кои се од големо помош и посебно значење за жителите од регионот.