Премиерот Груевски на средби со жителите на Босилово, Василево и Турново

Премиерот Никола Груевски за време на денешната посета на Босилово заедно со градоначалникот Љупчо Колев извршија надзор на градежните работи и целосната реконструкција на Домот на култура, инвестиција вредна околу пет милиони денари.

Жителите на Босилово на средбата со премиерот го посочија прашањето за обесштетување од невремето на почетокот на годинава, односно дека биле одбиени поради фактот што не биле носители на сопственичко право на земјиштето кое го обработуваат, односно дека земјиштето им било во наследство оставено или дека немале договор за закуп.

Премиерот посочи дека Владата ќе ја разгледа можноста за измени на законот со кој ќе се вклучат и ваквите ситуации со цел да се помогне на што е можно повеќе граѓани.

Дел од граѓаните посочија дека ги пропуштиле процедурите и роковите за пријава на штета по што Груевски истакна дека ќе се разгледа можноста да бидат пратено дополнително проценители.

Груевски го посети и населеното место Ангелци каде освен двојно тениско игралиште, оствари и средба со граѓани, а го посети и населеното место Василево.

На средбата со жителите на Василево Груевски разговараше за процесот на обесштетување од последиците од пролетното невреме при што соопшти дека во месец септември ќе биде завршен процесот за обесштетување на струмичките земјоделци кое се одвива етапно.

Посетата во Струмичко премиерот Груевски ја продолжи со средби со жителите на Турново на која беше посочен проблемот со кој се соочуваат повеќе од 15 години, а е поврзан со еден крак од системот за наводнување кој е нефункционален, при што беа информирани дека со формирањето на новото АД „Водостопанство“ овој крак на системот ќе биде ставен во приоритетните.

Повратниците кои работеле во Германија, а сега се вратени во Турново се заблагодарија за потпишаниот договор со Германија, со кој си ги примаат пензиите во Македонија.

За посочениот проблем од жителите за Културниот дом во Турново градоначалникот Колев информираше дека се прават напори со шведска донација да се изврши делумна реконструкција на Домот.

На средбата жителите го посочија поблемот со регулирањето на речното корито на река Струмица поради кое се врши редовно излевање на вода на земјоделските површини жителите. Тие беа информирани дека и покрај тоа што редовно се регулираат најкритичните точки во насока на трајно решавање на овој проблем за регулирање на целиот тек на коритото е договорено со швајцарски средства да се направи детална анализа, по што ќе се пристапи кон конкретни активности за овој проблем.

Жителите од Турново упатија благодарност до премиерот за неговата посета, за неговите напори за реализацијата на големиот број на проекти во овој регион со кои се подобруваат условите за живот и за неговата посветеност за решавање на проблемите на граѓаните.

По средбите премиерот Груевски ја посети и компанијата „Јавор мебел“ која е корисник на владините активни мерки за вработување од проектот „Македонија вработува“, при што разговараше со менаџерскиот тим за поддршката за домашните компании и нивните развојни планови.