Старото градско јадро на Битола ќе биде прогласено за културно наследство од особено значење

Членовите на собраниската Комисија за култура наскоро ќе ја посетат Битола за да направат обиколка на Старото градско јадро на градот, кое треба да биде прогласено за културно наследство од особено значење. Предлог-законот, чиј предлагач е Министерството за култура односно Владата, денеска Комисијата го даде на натамошно читање. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека Старото градско јадро на Битола претставува своевидна реткост и непресушен резервоар од разновидни културни, историски, уметнички, научни, технички и други општествени значења, карактеристични за еден подолг период, од XV век до денес.

- Старото градско јадро на Битола претставува еден репрезентативен пример на амбиентална целина која со своето богатство на форми и историска слоевитост се разликува од другите споменични целини во Република Македонија, изјави министерката, посочувајќи дека споредено со Охрид, Старата скопска чаршија, Крушево и Кратово, битолското заштитено подрачје е најголемо. 

Во Старото градско јадро се видливи влијанијата и застапеноста на ориенталната органска урбанистичка форма во историското конципирање на голем дел од јадрото, во значаен дел зачувана до денес (меѓу кои и најзначајниот сегмент - Старата чаршија), како и примената на рационалистичката урбана мисла и практика од крајот на XIX и во првата половина од XX век, за што сведочат Широк сокак, Булеварот и други помали урбани комплекси. Овие две историски, културни и цивилизациски урбанистички матрици комплементарно се надополнуваат и обезбедуваат извон­ред­но урбанистичко обликување и живописност и сликовитост на препознатливите амбиенти.

Старото градско јадро на Битола го стекнало статусот на споменик на културата во согласност со Законот за заштита на спомениците на културата од 1973 година и со решение на Заводот за заштита на спомениците на културата – Битола, во 1977 година, било ставено под посебна заштита на државата.

Како споменик на културата чие својство било утврдено со решение на надлежниот завод за заштита на спомениците на културата, Старото градско јадро на Битола, како споменик на културата, се наоѓа во преоден режим и треба да се ревалоризира со нов статус на соодветен вид „културно наследство“, термин кој е признат како таков со Законот за заштита на културното наследство, наместо „споменик на културата“. 

Со Законот, во членот 41 став 3, е утврдено дека одредени недвижни добра што претставуваат споменична целина како што е случајот со Старото градско јадро на Битола, може, по исклучок, по предлог на Владата на Република Македонија,  да бидат ставени под заштита со закон, односно да бидат прогласени за културно наследство од особено значење со закон.