Пуштена во употреба нова детска градинка во Облешево

Во општина Чешиново-Облешево на пригодна свеченост денеска беше предадена во употреба новата детска градинка, инвестиција на Министерството за труд и социјална политика вредна четири милиони денари.

Во присуство на голем број граѓани и родители градинката ја предаде во употреба министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

- Градинката во Облешево е дел од проектните активности на Министерството за труд и социјална политика за изградба на детски градинки во руралните средини. Градинката е со површина од 160 метри квадратни и во неа има две занимални, кујна и просторија за воспитувачите. Ќе згрижува 50 деца од Облешево и соседните населени места. Вкупната инвестиција, која е на Министерството за триуд и социјална поилитика изнесува 4 милиони денари, истакна Спасов.

Тој најави изградба на детски градинки и во општина Карбинци и во Делчево, како и довршување на детската градинка во населбата Оризари, крај Кочани. Во соработка со локалната самоуправа од општина Зрновци, Спасов го најави поставувањето камен темелник и изградба на детска градинка во Зрновци.

- Ако опфатот на деца во градинки пред десетина и повеќе години беше 15 отсто денес тој е 36 отсто благодарение на изградбата на детски градинки и во руралните средини, истакна Спасов.

За градоначалникот на Чешиново-Облешево Костадин Личков, предавањето на детската градинка во употреба ќе значи опфат на децата не само од Облешево туку и од соседните села бидејќи со изградените локални патишта и населените места од општината се поврзани со општинскиот центар.