ФФМ со поддршка од Владата ќе биде достоен домаќин на Суперкупот

Претседателот на фудбалската федерација на Македонија Илчо Ѓорѓиоски на денешната прес конференција по повод довербата која ја доби од страна на УЕФА за организација на ексклузивниот натпревар од Европскиот Суперкуп во 2017 година рече дека ФФМ имаше максимална поддршка од Владата на Република Македонија и Градот Скопје за кандидатурата за добивање на овој настан.

-Заеднички донесовме настан кој ќе ни донесе промоција, но и други краткорочни и долгорочни користи за нашата земја, за економијата и за македонскиот фудбал. Среќни сме што УЕФА ни ја даде довербата да го организираме Суперкупот. Воодушевени сме од патот по кој се движи УЕФА под водство на Мишел Платини бидејќи во сите одлуки чувтсвуваме љубов за фудбалот и почит кон сите нации, независно од нивната големина и финансиска влијателност. За македонскиот фудбал е голема чест што ќе има централна, историска улога во градењето на надворешниот имиџ на нашата земја, но тоа исто така е обврска и голема одговорност. Со добиената доверба да бидеме домаќини на еден од најголемите светски фудбалски настани ја исполнивме амбицијата да направиме уште еден чекор напред и да го дадеме својот придонес за европскиот фудбал. Тоа е тренд кој одговара на модерните времиња, а ние безусловно го следиме, изјави претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски изрази задоволство од добиената организација и најави дека Владата и ресорното министерство ќе продолжи да вложува средства се додека арената не го добие конечниот изглед.

- Денеска ние сите сме горди како Македонци, особено кога ја слушнавме информацијата дека Македонија ќе биде организатор на Европскиот Супер Куп. Можам да потврдам со сигурност дека Македонија ќе биде одличен домаќин на овој голем натпревар. Ќе ја промовираме Македонија во најдобро светло. Ќе продолжиме и понатаму со подобрување на квалитетот на нашата национална арена. Времето е кратко, но ние ќе го искористиме на најдобар можен начин за да се претставиме како добри домаќини, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

На заедничката прес-конференција присуствуваше и директорот ЈПССДП, Цветко Грозданов кој нагласи дека ќе бидат преземени сите неоходни мерки се со цел Македонија да се претсави како добар домаќин на Суперкупот во 2017.

- Оваа е голем ден за сите нас. Во координација со Фудбалската федерација и до сега беа преземени активности околу нашата национална арена за подобрување на квалитетот и капацитетот на стадионот. Ќе продолжиме и понатаму заедно со претседателот на ФФМ и Владата на Република Македонија да се залагаме за подобрувањето на инфраструктурата на нашиот најголем стадион.