Камен-темелник на нова детска градинка во Пинтија

Камен-темелник на нова детска градинка беше поставен денеска во населба Пинтија, општина Кисела Вода. На поставувањето присуствуваа министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ. 

Спасов посочи дека станува збор за инвестиција во иднината на идните генерации и дека општина Кисела Вода на чело со градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ покажала дека е вистински пример како треба да се работи во насока на зголемување и надградување на постоечките капацитети за згрижување на деца од предучилишна возраст.

Според него, станува збор за многу важна инвестициија за тој дел од општината, односно за населеното место Пинтија, што е и практично долгогодишно барање на жителите на населеното место.

- Денес започнува да се реализира овој проект. Очекуваме до крајот на оваа година или почетокот на следната година овде на ова место да има една нов прекрасен објект, една нова детска градинка. Оваа инвестиција е во најголем дел инвестиција на општина Кисела Вода што целосно ќе го изгради овој објект, а ние како Министерство дадовме поддршка во реализација на овој проект односно во целосно опремување на новиот објект, кој што ќе биде изграден со инвестиција од 4 милиони денари само за опремувањето, додека останатиот дел е инвестиција на општина Кисела Вода, рече Спасов.

Нагласи дека Министерството за труд и социјална политика изминатиот период преку низа инвестициски активности покажало дека приоритет е континуираното зголемување на капацитетот на згрижување на деца од предучилишна возраст и континуираното отворање нови објекти.

За период од околу две и пол години, појасни, отворени се околу 30 нови објекти во различни општини ширум Република Македонија, а со исто темпо ќе се продолжи и во наредниот временски период со инвестиции во повеќе од 10 општини.

- Сосема завршени и спремни за отворање се новите градинки во општина Карбинци и Босилово. Во завршна фаза се градинките во Чешиново Облешево, Липково, Сарај и во Гостивар. Исто така планираме да започнеме со инвестициски активности во повеќе скопски општини како што се Аеродром, Горно Лисиче, Ѓорче Петров, Бутел се разбира во соработка со единиците на локалната самоуправа, истакна Спасов.

И понатаму како Влада, додаде Спасов, ќе продолжиме да инвестираме во континуирано зголемување на бројот, изградба на нови објекти, нивно опремување или пак адаптација на постоечки објекти со цел ставање во функција на детски градинки во други просторни услови со цел да продолжиме да ги унапредуваме условите за згрижување и сместување на деца од предучилишна возраст.

Градоначалникот Беличанец Алексиќ рече дека градинката ќе се простира на 480 метри квадратни, ќе биде со капацитет меѓу 80-90 дечиња, ќе има три занимални за деца на возраст од 3-6 години и една занимална јасли, придружно со сите стандарди и услови. 

- Градбата на градинката е целосна инвестиција на општина Кисела Вода во износ од над 18,5 милиони денари, додаде Беличанец Алексиќ.