Пуштен во употреба нов објект на ОУ „Григор Прличев“ во Железара

Во населбата Железара во Општина Гази Баба денеска беа пуштени во употреба нов објект на Основното училиште „Григор Прличев“ и тениско игралиште.

Училиштето е со капацитет за 500 ученици, со површина од 2.000 метри квадратни. Изградено е според стандардите за енергетска ефикасност  со соодветни услови за  деца со посебни потреби.

Во изградбата на училиштето Општина Гази Баба инвестираше 72 милиони денари обезбедени преку кредит од Светска банка. 

- Изградбата на новото училиште беше основна потреба на жителите на Железара. Старите бараки биле изградени пред точно 50 години, во 1965 и во нив се издигнале генерации и генерации на ученици. Долгогодишните проблеми и условите во кои учеа децата беа основните причини да помогнеме за изградба на новото училиште, рече премиерот Никола Груевски, кој придружуван од општинските власти го пушти во употреба новиот објект.

Успешната реализација на проектот, посочи, овозможи Железара да добие ново и модерно училиште кое целосно ќе ги задоволи потребите на учениците и на наставниците.

Проекти  за изградба на нови училишта, спортски сали, игралишта, потенцира Груевски, порано беа вистинска реткост поради што многу населби и села низ државата имаат училишта стари по 50, 60, 70, а некои дури и 100 години. - Таквата ситуација започнавме да ја менуваме со големи чекори напред. Од 2006 година до денес имаме изградено 70 нови училишта, а 350 објекти се опфатени со реконструкција и санација. За оваа намена се инвестирани 2,56 милијарди денари. Секое  лето се реализира план за реконструкција, а ова лето ќе се реконструираат 26 училишта во кои ќе бидат инвестирани 186 милиони денари, рече Груевски. 

Новото тениско игралиште во рамки на училиштето е дел од владиниот проект за изградба на 100 такви игралишта низ Македонија. Досега се изградени  39 тениски игралишта, а 35 други се во фаза на градба.

- Изградени се вкупно 80 спортски сали,  од кои 33 големи спортски сали, две се во фаза на градба, и 45 училишни спортски сали. Изградивме  35 големи фудбалски игралишта, 12 други спортски сали се во фаза на градба Изградивме и 51 повеќенаменско изгралиште, а 6 други се во фаза на градба, рече Груевски. 

Жителите на Општина Гази Баба, додаде, имаат големи придобивки од овие проекти. - Тука ја изградивме спортската сала и повеќенаменско игралиште во Триангла, училишна спортска сала во ОУ „Крум Тошев“, а во тек е изградба и на спортска сала во ченто. Тука во Гази баба ја изградивме новата детска градинка „Морковче“, извршивме реконструкција на неколку градинки, санација на основни училишта, а во наредниот период ќе се санираат и повеќе дриги училишни објекти, наведе Груевски.