Пуштена третата делница од „Митрополит Теодосиј Гологанов“

Третиот дел од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, кој во изминатите месеци се прошируваше и реконструираше на потегот од крстосницата со булеварот „8 Септември“ до улицата „Московска“ од денеска и официјално е отворен за сообраќај. 

Вкупната вредност на проектот за проширување и реконструкција на третиот дел од булеварот изнесува 92,6 милиони денари. 

Со завршување на третата фаза, според премиерот Никола Груевски, успешно се комплетира уште еден капитален проект во сообраќајните решенија во општина Карпош и Град Скопје. Булеварот,  посочи, е проект на кој се работи од 2011 година и за само неколку години е реализирано она за што долги години наназад се полемизираше, ветуваше и планираше. 

-  Се исполни уште едно ветување дадено пред граѓаните. Се проби уште едно тесно грло на градот и се овозможи поголема проточност на возилата. Тоа е од големо значење за граѓаните посебно за оние кои секојдневно патуваат по овој булевар, рече Груевски. 

„Теодосиј Гологанов“ со булеварите „Партизански одреди“ и „Илинден“ се трите главни сообраќајници по кои се одвива целиот сообраќај од општините Карпош и Ѓорче Петров кон општина Центар и кон други населби во Скопје.

Во изминатиот период, како што рече Груевски, Град Скопје го модернизираше булеварот „Партизански одреди“, го прошири булеварот „Илинден“ и ја заврши изградбата на „Теодосиј Гологанов“.

Такви капитални проекти, нагласи премиерот, се реализираат во сите населби на Скопје, а градежната експанзија и модернизација на главниот град Владата ја помогна со повеќе проекти, како изградбата на обиколницата на Скопје, реконструкцијата на Скопскиот аеродром, новите автобуси на ЈСП, жичарницата на Водно, повеќе катни гаражи...

- Ваква градежна експанзија не се памети со децении наназад. Она што дополнително импресионира е што покрај завршувањето на многу проекти, уште многу други се во тек, а и уште многу други дополнително ќе се прават, рече Груевски.

Со проширувањето на третата делница од булеварот „Митрополит теодосиј Гологанов“ долга 1.600 метри се формирани четири коловозни ленти, по две во секоја насока. Делницата е асфалтирана на вкупна површина од 19.500 метри квадратни. Од двете страни на проширениот коловоз се изградени тротоари широки по 3,5 метри.

- Проширувањето и реконструкцијата делницата ќе овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот, намалување на метежот и скратување на времето на патување. Скопје доби уште едно булеварско решение, уште еден проточен сообраќаен коридор кој е од огромно значење за сообраќајот, рече градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.

Во тек на градежните работи на третиот дел од булеварот, информира, е поставена нова атмосферска канализација со вкупна должина од 1.493 метри, како и реконструкција на постојната фекална мрежа и заштита на гасоводната цевка.

Третиот дел од проширениот булевар го осветлуваат 82 столба за улично осветлување на коишто се поставени 108 светилки. Градежните активности ги изврши компанијата „Трансмет“ ДОО Скопје.