Натпревар за креирање апликации со отворени податоци

Програмери, бизнис инкубатори, компании, универзитети, училишта, ќе се натпреваруваат во креирање апликации со користење отворени податоци од државните институции.

Хакатон настанот за отворени податоци го организира Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со канцеларијата на Мајкрософт во Македонија. Целта е да се зголеми свеста и да се разбере вредноста на отворените податоци, кои ќе бидат користени од млади и успешни претприемачи за развивање апликации. 

Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, во изминатиот период е воспоставена соработка со 27 институции, а нивните податоци се отворени во компјутерски читлив формат и подготвени за користење од компаниите, граѓанскиот сектор и други субјекти.  Станува збор за 39 линкови, 82 бази на податоци и 33 датотеки.

На порталот www.otvorenipodatoci.gov.mk, кој го стимулира развојот на нови содржини, апликации и услуги кои ќе се изградат врз отворените податоци., според статистиките, најискористена е базата за Адресар на детски градинки со 246 преземања, потоа Буџетот на Република Македонија со 90 преземања и Адресарот на приватни детски градинки со 88 преземања.

- Во колоната на прегледи на самите податоци, најатрактивни се податоците за влез и излез на патници на граничните премини со 367 прегледи, Буџетот на РМ со 298 прегледи, пренесени броеви со 239 и други, рече Ивановски на прес-конференција.

Заинтересираните за учество со своја апликација на Хакатон настанот до 20 следниот месец треба да осмислат идеја и да се обратат до Министерството за информатичко општество доколку им се потребни дополнителни податоци, за  да им бидат достапни.

Хакатон настанот ќе трае до 15 јуни кога ќе бидат објавени победниците. Со натпреварот, оцени генералниот директор на канцеларијата на Мајкрософт во Македонија Стефан Плавјански, се продолжува соработката за иницијативата на Мајкрософт за отворени владини податоци.- Сакаме  да ги пренесеме  искуствата од другите држави во светот. Во регионот немаме многу искуства, тука сме меѓу првите  коишто се придруживме на оваа инцијатива, рече Плавјански.