Груевски и премиерите од Балканот договорија транспортно поврзување, ЕУ ќе обезбеди милијарда евра

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заедно со премиерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово, денеска со еврокомесарите за преговори за проширување, Јоханес Хан и за транспорт, Виолета Булц, договорија вклучување на земјите од Зпааден Балкан во Главната мрежа за инфраструктурно поврзување на Европската унија, за што Еворпската комисија ќе издвои до една милијарда евра.

Интегрирање на копнениот, речниот и воздушниот сообраќај на Балканот во заедничката европска мрежа, како и инвестициска соработка и поддршка на Унијата за инфраструктурните конкретни проекти важни за регионот е договорено на денешната Конференција.

Процесот за дефинирање на Главната мрежа беше инициран од Европската комисија, која ги презентираше нацрт-мапите за Главата инфраструктурна мрежа со идеја да се поврзат главните градови, поголемите градови, аеродромите, како и да се осигура дека сите инфраструктурни инвестиции и технички стандарди се исполнети со што ќе се гарантира економски напредок и добра инфраструктурна поврзаност.

- Среќни сме што објавуваме дека денеска се договоривме за поврзување и следните чекори се да имаме студии и стратегиски концепти, оти поврзување е едно, но сеопфатна дополнителна мрежа е нешто друго. ЕУ ќе придонесе како прв чекор до 130 милиони евра во 2015 година од ИПА 2 фондовите, со цел да се почне со имплементирање на ова вмрежување. А, во следните години ќе обезбедиме до една милијарда евра, што ќе се обезбедат со финансиско посредство на европските институции, заеми, гаранции и слични работи, истакна комесарот Хан по Конференцијата.

Во заедничката декларација на шесте премиери и двајцата еврокомесари од овој настан се истакнува дека “како надоврзување на конференција за Западен Балкан што се одржа во Берлин на 28 август 2014 година и на состаноците на министерската средба во Белград на 23-ти октомври и во Приштина на 25 март на министерските шесторки, премиерите на земјите од Западен Балкан се собраа во Брисел на 21 април 2015 година во присуство на еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување и со европскиот комесар за транспорт и секретарот на Регионалниот совет за соработка (Си-Пи-Си)”. Притоа, како што се наведува, усвоени се следните заклучоци со цел да се потврди посветеноста за поврзување, добрососедски односи, регионална соработка и европската интеграција.

Во деветте точки од Декларацијата, најпрво се наведува дека е договорено подобрување на регионалната соработка и економската стабилност, како заедничка алатка за исполнување на европските стандарди и на критериумите за членство во ЕУ. Премиерите ја изразија и цврстата определба на "Процесот Берлин" и понатаму да останат фокусирани на обезбедување дека на Самитот на 27 август 2015 година во Виена ќе се постигнат конкретни резултати врз основа на конкретни инвестициски проекти.

- Ние признаваме дека за подобрување на поврзувањето во рамки на нашиот регион, како и со ЕУ, клучен фактор е растот и работни места во земјите од Западен Балкан. Ние прифаќаме дека оваа заедничка амбиција ќе бара наша лична посветеност и лидерство. Ние напоменуваме дека во Европската унија, основната мрежа ги поврзува сите главни градови на ЕУ, главните економски центри и големите пристаништа на Унијата. Признаваме дека продолжувањето до Западниот Балкан овозможува забрзувачка политика и регулаторни реформи и концентрирачки напори и вложувања за клучните коридори и интерконектори, се наведува во Декларацијата на премиерите од Западниот Балкан.

Потоа, се наведува дека е усогласена основната транспортна мрежа за Западен Балкан и дека железничкиот Коридор 8 ќе биде предмет на разгледување, вклучувајќи можно финансирање на подготвителните студии, детални траси, дизајн и истражувачки работи со цел негово вклучување во јадрото на мрежата во текот на следниот преглед "Десет Т". Во рамки на комисиите за национални инвестиции, премиерите се согласија дека без одлагање еден проект се нафтоводите како приоритетните инвестиции и предуслов за добивање на ИПА 2 поддршка за кофинансирање на инвестициите.

- Проектот со цевководите треба да биде одраз на фактот дека Проектот за енергетска интересна заедница (ПЕЦИ) е важен дел од нашата агенда за поврзување. Се обврзуваме да идентификуваме и без одлагање да се посветиме на сите релевантни мерки како што се регулаторни прашања и рационализирање на постапките за преминување на границата, што би можело да доведе до непосредна поврзаност и бенефиции за шесте земји од Западен Балкан и по разумна цена, се наведува на крајот во Декларацијата.

Премиерот Груевски, по Конференцијата истакна дека таа поминала добро и согласно планираното и очекуваното. Според него, Европската комисија планира во наредните години да поддржи изградба на повеќе инфраструктурни проекти во земјите од нашиот регион и тргнувајќи со Берлинскиот процес од лани почна да се разговара за тие проекти и практично денеска се утврдени коридорите во регионот што би можело да бидат поддржани од оваа иницијатива.

- Кај нас во Македонија се утврдија Коридорите 10 и 8, при што Коридорот 10 во делот на патната и железничката инфраструктура, а Коридорот 8 во делот на патната и железничката инфраструктура кон Бугарија, додека кон Албанија ќе треба да има уште ревидирање на проектот за да видиме дали ќе има исплатливост во тој дел и истото треба да го направи Европската комисија, а ние побаравме и тоа да биде вклучено.

Претседателот на македонската Влада, додаде дека третата компонента е коридорот кон Косово од Македонија, односно и патниот и железничкиот. Тој, додаде премиерот, влегува во опција за да биде поддржан, а поддршката ќе биде делумно во грант, а делумно во финансиска конструкција што подразбира позајмување.

На следниот состанок што ќе биде во Рига, според Груевски, треба да се говори за приоритетните проекти оти секој коридор си има свои проекти и треба да се има фокус на конкретните.

- Како што истакнав во моето излагање на оваа Конференција, ние имаме инфраструктурни работи на три автопати и на една железница, што се во износ од околу 800 милиони евра и сме подготвени со проекти и за други проекти. Би била добредојдена поддршката од ЕК и секако би настојувале да земеме дел од тој колач од грант-елементот што Брисел го планира. Влезени сме во таа група на земји на кои треба да им се подели тој грант, па останува да видиме што понатаму од тие проекти ќе биде прифатено, додава Груевски.

Според македонскиот премиер, ова била значајна конференција на која се размениле многу мислења, а на маргините на конференцијата ја искористил можноста да поразговара и со еврокомесарот Хан за различни прашања. Тој, исто така, накусо поразговарал и со останатите премиери што биле присутни на денешниот настан.