Ќе се реконструираат седум центри за социјални работи

Седум центри за социјална работа во наредните девет месеци целосно ќе бидат реновирани и реконструирани и ќе бидат опремени со нов мебел и опрема, најави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при денешната посета на Центарот за социјална работа во Демир Хисар каде е почната реконструкцијата.

- Започнуваме со реконструкција на центрите за социјална работа во Демир Хисар и во Крушево, а исто така ќе се заврши реконструкцијата и реновирањето и на центрите во Прилеп, Битола, Охрид, Штип и Гевгелија. Со тоа што ќе се финализира и втората фаза за која се инвестираат 38.000.000 денари, рече Спасов.

Тој посочои дека објектот во Демир Хисар е во сопственост на Центарот за социјални работи од 1975 година, и ова е прв зафат за негово целосно реновирање и реконструкција.

Прецизира дека на објектот ќе се направи термо-фасада, ќе се сменат вратите и прозорите, ќе се постави нов под и санитарни јазли, нов мебел и опрема со што, како што рече, ќе ќе се добие нов објект и поквалитетни и современи услови не само за работа, туку и за прием на странките.

Спасов денеска го посети и Центарот за социјална работа во Крушево и го означи почетокот на реконструкција на овој објект.

- Ќе продолжиме со трета фаза на реновирање на центрите за социјална работа преку ИПА програмата на ЕУ. Очекуваме до средината на оваа година да биде потпишан договор за реновирање на дополнителни 19 центри за социјална работа и со тоа да го затвориме целиот пакет, осносно сите центри да бидат комплетно реновирани и значително модернизирани и подобрени условите за работа, рече Спасов.