Попоски учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО и земјите контрибутори во ИСАФ

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес во седиштето на НАТО во Брисел, учествуваше на министерскиот состанок на Северно-атлантскиот совет со земјите контрибутори во Мисијата ИСАФ во Авганистан.

Министрите за надворешни работи во ИСАФ формат разговараа за улогата и модалитетите на ангажманот на Алијансата во Авганистан, за време и по транзициониот период, од аспект на стратегијата дефинирана во Трајното Партнерство со Авганистан за присуство на Алијансата во земјата се додека е тоа неопходно. Во тој контекст, министрите дадоа соодветни насоки за развивање на новиот Стратешкиот план за Авганистан,  што се предвидува да биде усвоен на Самитот на НАТО во Чикаго идната година.

Во своето обраќање на состанокот, поддржувајки ја генералната политика и пристапот на Алијансата во Авганистан, Министерот Попоски ја нагласи потребата од натамошно јакнење на цивилниот сегмент за стабилизирање и изградба на авганистанските институции, а особено го истакна значењето на обуките, тренингот и менторството на авганистанските безбедносни сили, со цел јакнење на нивниот капацитет за што поуспешно преземање на одговорноста за безбедноста на својата земја од ИСАФ.

Подвлекувајќи го учеството и го придонесот на Република Македонија во Мисијата ИСАФ, Министерот Попоски ја реафирмира  подготвеноста на Македонија и натаму да ја дава својата контрибуција кон зачувувањето на  глобалниот мир и безбедност, со очекување дека тоа во блиска иднина и заслужено, ќе го прави како полноправна членка на НАТО.

Министерот Попоски го искористи учеството на состанокот за остварување билатерална средба со Министерот за надворешни работи на Норвешка, Јонас Гар Сторе, како и повеќе кратки средби со свои хомолози.

 

 

Категорија: