Дванаест општини добија сертификати за заложби за унапредување на заштитата од дискриминација

Дванаесет македонски општини денеска добија сертификати за  „Општини без дискриминација“. Тие учествуваа во проектот „Спроведување на новиот закон за антидискриминација“ чија цел е да ја унапреди заштитата од дискриминација, социјалното вклучување и социјалните права.

Во рамки на проектот, во општините Струга, Охрид, Теарце, Дебар, Битола, Струмица, Куманово, Штип, Делчево, Неготино, Радовиш и Липково, се спроведени мерки за јакнење на капацитетите на локалните заедници, општините и граѓанските организации за поефикасно спроведување на Законот за антидискриминација, како и за поттикнување на граѓаните, особено припадниците на маргинализираните групи како да дејствуваат против дискриминација и како да се заштитат.

- Европската интеграција претставува клучен и врвен приоритет за Владата на Република Македонија и затоа најголемиот дел од активностите што се реализираат во рамки на Министерството за труд и социјална политика се директно поврзани со процесот на приближувањето на нашата држава кон ЕУ и прифаќањето на европските практики и стандарди. Во таа насока остануваме посветено да работиме на прашањата поврзани со човековите права и слободи, како и на прашањето за еднаквите можности за секој граѓанин, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски кој им ги додели сертификатите на претставниците на општините.

Во изминатата година, додаде, во дванаесетте општини со поддршка на локалната администрација и невладиниот сектор беа спроведени обуки за општинските советници, за вработените во локалните институции, за граѓанските организации, полицијата, медиумите, како и образовните и здравствените институции, а усвоени се и планови за дејствување за подигнување на јавната свест на граѓаните за поголема информираност и заштита од дискриминација.

- Со спроведувањето на овие активности сите општини покажаа иницијатива и подготвеност за вклучување во спроведувањето на Законот за антидискриминација и вградување на концептот на недискриминација во сите политики, програми и проекти кои се креираат на локално ниво, рече Ристовски.

Проектот е поддржан со средства од Европската унија, а реализиран со помош на Британскиот совет во Македонија и граѓанскиот сектор.