Средба Попоски – Димас во Вилнус

Декларирана обострана посветеност за постигнување заемно прифатливо решение за иметo на денешната прва билатерална средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Попоски и Ставрос Димас на маргините од 18. Министерски состанок на ОБСЕ во Вилнус, Литванија.

На средбатa од македонска страна била потенцирана потребата од почитување на меѓународниото право и на институциите кои го имплементираат.

Од грчка страна, пак, била декларирана подршка за процесот на проширување со регионот, на што Република Македонија се заложила за конкретни дејства во овој правец.

Пред одржувањето на средбата, шефот на македонската дипломатија Попоски најави дека ќе ја искористи оваа прва можност за да поразговара со колегата Ставрос и да ги пренесе пораките што Република Македонија ги упати вчера по добивањето на пресудата во Хаг.

- Мислем дека имаме одлична можност да пристапиме кон еден конструктивен став од двете страни. Тоа што вчера ни е пружено со пресудата во Хаг треба да се искористи и треба да се види како една добра можност за афирмирање и поставување на еден позитивен став кон владеење на правото во меѓународен контекст, посочи Попоски.

Шефот на дипломатијата денешните активности на маргините на Состанокот на ОБСЕ  ќе ги заврши со средба со министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Младенов.

Министерот Попоски имаше обраќање на денешната пленарна седница на  18. Министерски состанок на ОБСЕ.

На маргините од 18. Министерски состанок во Вилнус оствари билатерални средби и со турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу, со министерот за европски прашања на Франција Жан Лионети, како и со шефовите на дипломатиите на Естонија Урмас Пает и на Летонија Едгарс Ринкевичс.

Според агендата која постојано се надополнува, за утре е предвидено да се сретне и со домаќинот на форумот, литванскиот министер за надворешни работи Аудрониус Ажубалис.

Безбедносниот форум утре треба да заврши со усвојување на заклучоци и документи за идните активности на организацијата.