Харлем глобтротерси ја забавуваа скопската публика

Светската кошаркарска атракција Харлем глобтротерс од САД составена од професионални кошаркари и циркузанти вечерва два часа ја забавуваше шестилјадната публика во новата повеќенаменска сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Со фрлање на топката во централниот дел на теренот премиерот Никола Груевски го означи почетокот на натпреварот во новоотворената сала.

Претходно, обракајќи се пред присутните во салата премиерот Груевски рече дека спортот е театар каде обичниот човек може да стане херој.

- Во спортот не е најважно да се учествува, туку да се победи, а победата им припаѓа на оние на кои не им недостига волја, рече Груевски.

Токму упорноста, како што истакна Груевски, беше главната карактеристика на претседателот Борис Трајковски чие име го носи овој објект.

- Со оваа инвестиција праќам порака до младите активно да се занимаваат со спорт со желба во оваа сала да се случат многу успеси, додаде Груевски.

На спектаклот присуствуваа и министри, претставници од Владата на РМ, како и претставници од политичките партии во земјава.

Харлем глобтротерс е егзибиционистички кошаркарски тим кој го карактеризира атлетизам и комедија. Основан е во 1926 година во Чикаго.

Пред настапот на глобтротерси публиката ја забавуваа кловнови, жонглери, мажоретки, како и женскиот хор од училиштето на Запро Запров кои изведоа неколку стари македонски песни и химната на Република Македонија.

Салата „Борис Трајковски“ е мултифункционален спортски и културен центар. Содржи и помала сала за кошарка и одбојка, кугларница, фитнес-центар, прес-центар и 56 коментаторски места. Во големата сала ќе можат да се одржуваат и музички концерти, на кои ќе можат да присуствуваат 10.000 гледачи кои на располагање ќе имаат и четири ресторани со независни влезови и спортски бар кој може да се пренамени во дискотека. Салата ќе има ВИП-бар и посебна ВИП-ложа за следење натпревари и концерти.

Поради меѓународните стандарди на спортските федерации, салата ќе има неколку видови осветлување и централен систем за ладење и греење. Видеомониторингот вклучува и снимање на трибините со гледачи, што е новитет кога се работи за безбедноста на актерите и однесувањето на навивачките групи. Пред салата има паркинг за 800 возила, 32 автобуса и за три репортажни возила, а за инвалидизираните лица ќе има посебни тоалети, што е новост во нашите спортски објекти.

Изградбата на салата чинеше 16 милиони евра, од кои околу 12 милиони ги обезбеди Владата, а останатиот дел градските власти. Има капацитет од 10.000 посетители, со 6.000 фиксни седишта и со 2.000 телескопски автоматски столови кои се подвижни. Oпремена e со подлоги кои се ставаат за секоја пригода одделно. За одржување концерти врз паркетот се поставува огноотпорна и издржлива подлога.

На 31 мај, во салата ќе биде одржан и перформанс на танчерската сензација „Michael Flatley’s LORD of the Dance“. Во декември, во неа треба да се одржи Европско првенство во ракомет за сениорки, како и Светското женско јуниорско првенство во ракомет во јули и август оваа година.